Повеќе од 70 британски пратеници се изјаснија против воведување на таканаречените „ковид пасоши“, кои Владата размислува да ги направи за да се отвори економијата, бидејќи властите почнаа со укинување на ограничувањата воведени поради коронавирусот.
Владата размислува да побара од луѓето да приложат докази за вакцинација против Ковид-19 за пристап до пабови или спортски настани, а премиерот Борис Џонсон веќе изјави дека сертификатите најверојатно ќе бидат потребни за патување во странство.
Весникот „Дејли телеграф“ во саботата објави дека испитувањата за „ковид пасошите“ ќе почнат за неколку недели во рамки на пилот-проект при одржување на големи спортски настани и евентуално церемонија на доделување музички награди, за да се проценат ефектите од нивното можно воведување.
– Ние сме против дискриминирачката и разединувачка употреба на ковид сертификати за да им се забрани на луѓето пристап до услуги, бизниси или работни места, се наведува во соопштението потпишано од над 70 пратеници од различни партии.
извор: МИА







