По повеќекратните одбивања на директорот на Пазарниот инспекторат Пауновски, дека не ги прима доделените „рамковните“ административци, со реакција се јавија и вицепремиерите Груби и Николовски. Во соопштението се истакнува дека овие вработувања не се замена за редовните побарувања за кадри и нови вработувања што ги имаат инспекторатите.
„Спроведувањето на решението е распределено хоризонтално и солидарно, со вклученост на дури 237 институции и до сега ниту една не одбила да учествува во решението, туку се барале модалитети и начини истото да се спроведе. Процесот е започнат и досега се распоредени 635 лица кои имаат конкретни ангажмани, за конкретна јавна служба и кои конечно се внесени во систем на оценување и мерење на нивниот ангажман“ – се вели во заедничкото соопштение на вицепремиерите Груби и Николовски.
За вработените според принципот на правична застапеност, тнр. „рамковни“ административци што немаа работно место, а примаа плата од буџетот, тече процес на распоредување во 237 институции. Само директорот на ДПИ, Пауновски неколкупати јавно негодуваше на нивниот прием, а денес доби одговор и од премиерот Заев, кој побара предлог за негово разрешување поради непочитување на одлука на Владата.
Директорот Пауновски во своите настапи постојано зборуваше за 35 „рамковни“ и нивната нестручност, додека владините функционери посочуваат на одлука на владата, со која инспекторатите се засилиле со 105 нови кадри надвор од „рамковните“, а инспекторатот на Пауновски дополнително добил дозвола да вработи 15 нови инспектори.
Д. Е.