Чувствуваме одговорност и жалиме за настанот што се случи вчера на пат кон Копаоник, вели Ивана Јакимовска, менаџер на туристичката агенција „Камелија турс“, чиј автобус се преврте на патот Блаце – Прокупље кај местото Белољин во соседна Србија.
„Агенцијата презеде одговорност да ги однесе и врати патниците. Во случајот ние само организатори на патувањето, а превозник е „Амиго компани“ од Гевгелија. Сите патници се безбедно вратени во своите домови освен еден кој е задржан во Општата болница во Ниш. Во автобусот имаше вкупно 50 патници кои користеа дводневен аранжман. Сите патници ќе бидат обесштетени од „Камелија турс“ согласно правилата и македонските закони“, изјави Јакимовска за TВ 24.
Ниту еден од повредените патници во автобусот со македонски регистарски таблички што вчера претпладне се преврте на патот Блаце – Прокупље во Србија не е во животно загрозувачка состојба, објави Министерството за здравство (МЗ).
Според Министерството за внатрешни работи (МВР), билансот од сообраќајната несреќа е 26 повредени лица од кои 18 беа згрижени во Домот за здравје во Блаце додека останатите осум во болницата во Прокупље.