пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ
Би ги прашал оние што гласно и страсно деновиве „навиваат“ и заземаат „страна“ во одново разгорената војна меѓу Палестинците и Израелците, дали знаат дека навиваат за една или друга страна во борба меѓу закрвени браќа, братучеди, различни само по вера? Тоа што се случува на Блискиот Исток, е многу слично со она што се случуваше кај нас, во војната меѓу Србите, Хрватите и Бошњаците во 90тите години.
И без оглед која „страна“ ја поддржуваат, да знаат дека грешат. Младиќот со години има ист став по овие прашања, па да го повтори и овој пат.
Мрско ми е секое навивање, мрски ми се и долгогодишните светски блебетања за решавање на еден вештачки спор што држи два многу блиски народи, различни само по религија (и не само нив туку цел регион и пошироко) во повеќедецениско страдање и „рат рејс“ (трка на експериментален глушец со себе во тркало во кафез).
Светот, моќните земји, самите Израелци и Палестинци, ако сакаат, можат да најдат решение за тој спор. Се решаваат и се решија многу такви светски спорови. Неколку пати и решението било многу блиско. Но за тоа да се случи, треба да има воља, пред се политичка, но и човечка, да се сопрат децениските страдања.
Сите, и големите сили и завојуваните страни, нивните политички елити, треба да размислат што можат да сторат за тоа страдањата и убиствата на луѓе да сопрат. Секој нормален човек би требало да е згрозен од војна која не сопира со децении и носи човечки животи. Кај добрите компромиси обично сите се незадоволни, но ќе нема повеќе жртви, а брзо потоа ќе има прогрес. Доволно е да се погледне ЕУ, само 5 децении по крвавата 2 светска војна.
Затоа, мрски ми се воопшто верско-идеолошките радикали од било која боја кои размислуваат „победнички“ а не човечки. Мрски ми се оние што гледаат во минатото а не во иднината.
А најмрско ми е користењето на овие спорови од политичките големи а и ситни криминалци, од воените профитери во политиката, за лажење и хушкање и крвење народ, за поделби и конфронтации, а всушност за тргање на вниманието од реални проблеми со создавање на вештачки конфликти и проблеми.
Решенија има, само наместо заземање страни, треба сите, без оглед на „страната“, да побараат од своите политичари, од локални до глобални, злото да престане. Вака, звучи лесно нели? Но сите знаеме дека е тешко остварливо, особено кога на еден дел од политиката во многу земји и одговараат војните.
За да дојдеме до такво ниво на свесност, треба да се случи само едно битно нешто. А тоа е – луѓето да престанат да им веруваат на оние што ги туркаат во војни и во заземање „страни“.
Е, тоа ќе им ја даде моќта на луѓето, и Палестинци и Израелци, и секаде во светот, да побараат војните да престанат, и тие ќе престанат!