ЛИНК ДО ПРВИОТ ДЕЛ
Лидерите на ЕУ го осудија принудното слетување на авионот во Минск и апсењето на Протасевич.
Тоа е целосно неприфатливо. Сметаме дека белоруската Влада е одговорна за безбедноста на сите патници во тој авион. На сите патници мора да им биде дозволено веднаш да го продолжат патувањето, напиша на Твитер шефот на европската дипломатија Жозеп Борел.
И претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, исто така, ја повикаа Белорусија „да ги ослободи сите патници“.
Фон дер Лајен, пред почетокот на ЕУ самитот во Брисел порача дека присилното слетување на авионот во Минск нема да помине неказнето од страна на ЕУ.
Ќе има силен одговор, режимот на Лукашенко ќе мора да разбере дека ќе има сериозни последици, ќе разговараме за разните можности за санкции, санкции за инволвирани поединци, но и за бизниси и економски ентитети кои го финансираат овој режим како и за авионскиот сектор во Белорусија, изјави шефицата на Европската Комисија.
Полскиот премиер Матеуш Моравиецки го нарече апсењето на Протасевич „чин на државен тероризам“.
Генералниот секретарт на НАТО, Јенс Столтенберг истакна дека принудното слетување на авионот на Рајанер во Минск е „сериозен и опасен инцидент“ и побара меѓународна истрага.
Претходно, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на Твитер напиша дека „присилното слетување на комерцијален авион за притворање новинар е невиден, шокантен чин“.
Претседателот на Литванија, Гитанас Науседа побара од Белорусија да го ослободи Проташевич.
Ги повикувам сојузниците на НАТО и ЕУ веднаш да одговорат на заканата што ја претставува белорускиот режим за меѓународните цивилни летови. Меѓународната заедница мора да преземе итни чекори за да спречи тоа да се повтори, истакна Науседа.
Еврокомесарката за сообраќај Адина Валеан, изјави дека авионот на компанијата Рајанер, по неколку часовно задржување го продолжил патувањето кон Вилнус, но без Протасевич и неговата девојка.
Наредниот ден Литванија соопшти дека нема да дозволи ниту еден лет, ниту влезен, ниту излезен, да го преминува белорускиот воздушен простор.
„Еуроконтрол“ – Европската агенција за контрола на летањето, соопшти дека низ Белорусија дневно минуваат околу 100 авиони на европски и британски превозници и дека е најдобро во иднина тие да се пренасочат кон воздушниот простор на балтичките земји. ЕУ го исклучи белорускиот превозник „Белавија“ од својот воздушен простор и од аеродромите.
Францускиот авиопревозник „Ер Франс“, германската авиокомпанија „Луфтханза“ и холандската КЛМ, соопштија дека привремено ги прекинуваат летовите во воздушното пространство на Белорусија.
САД и европските членки на Советот за Безбедност на ОН побараа од Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ИКАО) итна истрага за белоруското пренасочување на авионот на „Рајанер“. Инцидентот е без преседан и неприфатлив и белоруските власти треба во целост да одговораат, се наведува во соопштението, во кое акцијата на Белорусија е силно осудена и се повикува на итно ослободување на Протасевич и неговата девојка.
ЕУ смета дека ова е уште еден обид на Минск да ги замолчи опозициските гласови и побара веднаш да биде ослободен Прoтасевич. Амбасадорот на Белорусија при ЕУ, Александр Михневич, е повикан во седиштето на европската дипломатска служба за да му се врачи протестна нота.
Баренд Лејтс, портпарол на претседателот на Европски совет, Шарл Мишел, најави дека на Самитот на Европска Унија ќе се разговара за евентуални санкции кон Белорусија. ЕУ, која веќе има воведени три рунди санкции кон Белорусија, работела на четврта рунда санкции кон белоруски претставници, како одговор на спорните избори од 2020 година, кога е реизбран претседателот Александар Лукашенко, што предизвика масовни протести шиурум земјата, кои насилно беа задушени.
Во меѓувреме Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) побара ослободување на Проташевич.
Загрижена сум од извештаите дека цивилен авион бил принуден да слета во Минск за да биде уапсен независниот новинар Роман Протасевич. Таквото однесување е многу вознемирувачко и несовесно. Ја повикувам Белорусија веднаш да го ослободи новинарот Проташевич, изјави претседавачката со ОБСЕ, шведската министерка за надворешни работи Ан Линде.
Претставничката на ОБСЕ за слобода на медиумите, Тереза Рибеиро ги повика белоруските власти веднаш да ги ослободат сите приведени новинари и вработени во медиумите во таа земја, наведувајќи дека повеќето од нив се приведени за известување за јавни настани и други политички настани.
Оваа систематска репресија на новинари и медиумски работници е флагрантно кршење на обврските на ОБСЕ за слобода на изразување и слобода на медиумите, кои Белорусија ги презеде како членка на ОБСЕ, напиша Рибеиро во писмото до белорускиот министер за надворешни работи Владимир Макеи.
Економски најразвиените демократии – Земјите од групата Г-7, ги осудија акциите на Лукашенко околу инцидентот со патничкиот авион и апсењето на новинарот и неговата соопатничка Софија Сопега, кои се наоѓале на тој лет. Потписници на заедничката изјава се министрите за надворешни работи на Канада, Велика Британија, Франција, Германија, Италија, Јапонија и САД.
Советот на НАТО остро го осуди присилното слетување на авионот на Рајанер во Минск, се вели во соопштението издадено по состанокот на постојаните претставници на членките на Алијансата. Во документот се нагласува дека притворот на Протасевич е „навреда за принципите на политичко несогласување и слобода на медиумите“. Северноатлантскиот совет поддржува итна независна истрага за инцидентот со авионот на Рајанер во Минск.
Јане Ѓорѓиоски
(продолжува)
Линк до целиот текст со наслов „Досие Белорусија: Диктаторот со калашников“