Трајко Велјановски, поранешен претседател на Собранието, имал задача по секоја цена да спречи избор на нов претседател на Собранието на 27 април 2017 година, изјави денеска обвинителката Вилма Рускоска, во завршниот збор за предметот „Организатори на 27 април”.
Обвинетиот Велјановски, не го ставил на гласање предлогот на пратеникот Оливер Спасовски, кој имал потписи од 10 пратеници. Тоа, според обвинителката Рускоска, не било сторено со единствена цел да не се избере нов претседател на Собранието.
Таа во завршниот збор се навратила на пораките кои Вељаноски ги испраќал од својот мобилен: „Мораме да удриме јако”, „Ќотек за комуњарите во Прилеп”.
Улогата на обвинетите Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски била да ги организираат протестите „За заедничка Македонија”, додека улогата на обвинетите Владимир Атанасовски, била да укаже поддршка со акти на насилство и да се спречи изборот на претседател на Собранието, рече обвинителката Рускоска.
Според Обвинителството, дел од организаторите на „крвавиот четврток“ е и поранешниот премиер Никола Груевски, кој според завршните зборови на Русковска, ги повикал граѓаните преку јавно обраќање „народот да не седи во папучи, да ја земе судбината во нејзини раце”.
Судењето за „Организаторите на 27 април” e во фаза на завршни зборови. Во текот на овој судски процес во Кривичниот суд во својство на сведоци беа сослушани стотици лица од разни профили.
Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, поранешните министри за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.





