пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Мислам дека треба да се прифати резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ, но под следните услови:
– Да се откажат и да го осудат своето мрачно режимско минато.
– Да го повикаат Груевски да ја отслужи казната и да седне на обвинителна клупа за сите останати судски случаи.
– Да го осудат национализмот и говорот на омразата што ги пласираат секојдневно тие и сите нивни политички приврзоци.
– Да ги затворат трол фабриките.
– Да престанат со креирање и дистрибуција на дезинформации.
– Да ги откријат сите извори на финансирање на партијата и на медиумите под нивна контрола.
– Да одговорат на сите прашања поврзани со крадењето пари и идеи, за сите узурпации, насилства и кочењето на прогресивните процеси.
– Да одговараат за своите постапки и криминали.
– Да ги деблокираат сите процеси во парламентот и во институциите.
– Да ги признаат придобивките од Преспанскиот договор.
– Да признаат дека во ниту еден момент не се преговарало за идентитетот и јазикот.
– Да се извинат што сите претходни договори ги нарекувале или ги третирале како „тоалетна хартија“ (зборови на Антонијо Милошоски).
– Да се откажат од бугарските пасоши, барем оние што се на раководни партиски функции и пратеници во македонскиот парламент.
Значи, не може.
Нема сатира која може да ја опише појавата на ВМРО-ДПМНЕ. Навистина, што стои зад нивната „резолуција“? Одоговорот е лесен и очигледен.
Со оваа „резолуција“ само уште еднаш се манипулира јавноста и се прави обид да се киднапираат процесите. Евтин трик за политички профит пред локалните избори. Нелогично е да се бара донесување резолуција за нешто што веќе е државен став – не се преговара за јазикот и идентитетот во ниту еден процес. Повеќе од доволно е да се каже и дека предлогот доаѓа од политичка партија која направи сѐ што можеше и не можеше да се замисли за да ја оддалечи земјата од евроатлантските интеграциски процеси. И ја разедини и ограби земјата.
Апсурд до апсурд. Поднесувањето на „резолуцијата“ го обзнанува некој што до вчера „низ солзи го искажал своето блгарско самочувствие“. Разумно би било целата врева да престане и врескачите да си заминат со сведната глава по само една реченица:
„Да извршевме предавство, немаше да имаме вето од Бугарија“. (Бојан Маричиќ, ТВ24, 23 јуни 2021)
Но вревата прерасна во „резолуција“. Бре! Можеби политичарите се навикнати да голтаат кнедли, нелогичности и апсурди од своите колеги, за да постигнат политички цели на друг дел од шаховската табла, но тие кнедли не мора да ги голта и јавноста.
Мицкоски и неговата екипа континуирано водат војна против стратешките национални интереси и во одговор на сите процеси, од демократизација и реформи до евроатлантски интеграции, одговараат со опструкции, црна пропаганда и насилство. Буквално секој ден на секоја тема, во секоја област, единствена цел е политичкото профитерство. По секоја цена. На сите можни начини ја потсетуваат јавноста на мрачните години на режимот.
Од изолирана држава со привремено име (ФИРОМ), Северна Македонија стапи на меѓународната сцена како светски, па и историски пример за надминување на конфликти и спорови меѓу државите, пример за доследно и посветено спроведување на принципите на мултикултурализмот, издигнат на високи институционални приоритети… За кратко време по падот на режимот се откочија сите процеси, станавме членка на НАТО и се приближивме до ЕУ повеќе и побрзо отколку кога и да е порано.
Мицкоски беше и остана на „браникот на криминалот“ (негови зборови, ТВ24, 9 декември 2020). Од време на време, тој се буди, па така и појде на гротескното патување со верниот дел од неговиот ентураж во Брисел, додека во неговата земја се одвиваше светски настан – Преспа Форум. И ова е само еден мал пример. Направија и прават сè што може да биде погрешно во политиката. И тера братијата понатаму, како да не се веќе одамна потонати на дното од океанот на апсурдот и политичкиот срам. Додека има овци, ќе ги стрижат…
И оп – „резолуција“! Токму од оние што од Северна Македонија своевремено направија црна дупка на Балканот и сакаат таква да остане. Ма, дај… – што би рекол Кили.
Веројатно во име на политичкиот дијалог и откочување на процесите во парламентот и насекаде каде што ВМРО-ДПМНЕ има свое влијание, СДСМ покажа спремност да ја поддржи нивната „резолуција“. Да се надеваме дека е само тоа во прашање. Иако останува нејасно зошто токму СДСМ кокетира со „резолуција“ во која прекутрупа се набројани неколку добро познати државни позиции во евроатлантските интеграции. Тие позиции се искажани милион пати и во однос на Бугарија, а јавно ги поддржаа и најголемите европски и светски демократии.
Прифаќањето на резолуцијата од ВМРО-ДПМНЕ е, најблаго кажано, наивно и погрешно, затоа што мотивот за „резолуцијата“ е (по)грешен – понатамошно кочење на евроатлантските интеграциски процеси и политичко профитерство. Кога би почнале да набројуваме зошто и ова е уште еден неморален и евтин трик и манипулација, ќе бидат потребни уште многу редови. Но сосема доволно е и ова.
Текстот е личен став на Авторот.
Creative Commons 4.0