Додека целиот регион и голем број важни носители на одлуки од Европа и од светот викендов беше на Преспа Форум, но затоа Мицкоски заминал во Брисел за да „преговара“ да ни дадат зелено светло за пристапните преговори.
„Малку“ доцна му текна да прави свртување за 180 степени, бидејќи тој процес, закочен од неговата партија, веќе со години е откочен. Одамна неговиот компас покажува погрешни страни на светот. Кого тоа убедувал и молел за „зелено ЕУ светло“ остана нејасно, но како што стојат работите, Мицкоски и неговата дружина можат да седнат само на некоја маса во бриселската ИКЕА, се разбира ако го следат упатството за склопување.
Како и да е, по враќањето од Брисел, Мицкоски си направи интервју во Вечер Прес, каде што се пофали за својот „голем“ дипломатски подвиг. Интервјуто се наоѓа и на нивната партиска веб страница (вмро-дпмне.орг.мк).
Им реков дека сето тоа кое го заклучиле врз основа на извештаите кои ги добиваат е точно, но дека не сум тука дојден да ја озборувам власта, ниту е мојата цел да ја критикувам бидејќи тоа што тие го кажуваат е горе-долу вистина. Мојата цел беше таму да разговарам со пријателите и да добиеме што е можно повеќе пријатели кои ќе застанат зад нас на денот кога конечно ќе почнеме да преговараме со Европска Унија, успешно да ги завршиме тие преговори и да станеме членка во Европската Унија, кажа Мицкоски, меѓу останатите бисери во интервјуто.
Д. Е.
БИСЕРИ е рубрика со сатирични коментари