ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
Home МАГАЗИН СЦЕНА

(ВИДЕО) Live Aid, најголемиот глобален музички настан на сите времиња, на денешен ден 1985 година

July 13, 2021 13:35
in ZOOM IN, СВЕТ, СЦЕНА
Фото: Mike Cameron/Redferns

Фото: Mike Cameron/Redferns

Share on FacebookShare on Twitter

Еден од најголемите глобални настани – музичкиот рок-концерт Live Aid, е одржан на 13 јули 1985 година. Настанот бил организиран од страна на Боб Гелдоф и Миџ Ур, со цел да се соберат средства за надминување на гладта во Етиопија.

Наречен „глобален џубокс”, настанот бил одржан истовремено на стадионот Вембли во Лондон со посетеност од 82.000 лица и на стадионот ЏФК во Филаделфија каде присуствувале околу 99.000 музички фанови. Овој настан се смета за еден од најгледаните сателитски и телевизиски преноси на сите времиња. Околу 400 милиони гледачи, од 60 различни земји, го следеле преносот во живо.

Концертот бил започнат како продолжение на друг проект на Гелдоф и Ур, успешниот сингл за добротвоорни цели „Do They Know It’s Christmas?”, изведен од страна на повеќе британски и ирски изведувачи под името „Band Aid“, претходната зима. Концертот земал замав, и се повеќе настапи се додавале на двете страни од атлантикот. Како добротворен настан за собирање на средства концертот длабоко ги надминал зацртаните цели.

Во една телевизиска емисија во 2001 година, еден од организаторите изјавил дека првобитната цел на Лајв Еид била да се соберат околу 1 милион фунти, а конечната сума собрани средства била 150 милиони фунти (околу 283,6 милиони долари). Делумно како признание за трудот за Лајв Еид, Гелдоф добил почесна титула витез. Музичкиот промотор Харви Голдсмит бил исто така од голема помош во реализацијата на проектот на Гелдоф и Ур.

Концертот започнал во 12 часот и траел 16 часа, но бидејќи повеќето изведувачи одржале спонтани настапи на Вембли и ЏФК, целосната должина на концертот изнесувала многу повеќе.

Оригиналната замисла била Мик Џегер и Дејвид Боуви да изведат интерконтинентален дует, со Боуви во Лондон, а Џегер во Филаделфија. Проблемите во синхронизацијата означувале само едно практично решение за проблемот, а тоа значело еден изведувач, најверојатно Боуви во Лондон, само да ја отвора устата на веќе снимени вокали, кои ќе одат како дел од настапот во живо на Џегер во Филаделфија. Музичкиот инженер, ветеран, Ким Ричардс (соработка со Пинк Флојд и Квин), бил донесен да ја среди должината на филмската лента, како и звучните миксови, со цел Џегер и Боуви да можат да настапат секој на својата локација.

Концертите на обете страни завршиле со својата посебна химна против гладта, концертот во Британија го затвори „Do They Know It’s Christmas?” на Бенд Еид, додека во САД била испеана „We Are the World”, на САД за Африка (USA for Africa).

Донирани средства

За време на концертите до публиката се апелирало да донира пари за целите на Лајв Еид. Триста телефонски линии биле отворени од страна на БИ-БИ-СИ, со цел луѓето да донираат пари преку своите кредитни картички. Телефонскиот број, како и адреса на која може да се уплаќаат чекови, се повторувале на преносот на секои дваесет минути.

За речиси седум часа траење од концертот, Боб Гелдоф се распрашал колку пари имаат собрано, му било одговорено дека тоа се 1,2 милиони фунти. Длабоко разочаран од висината на пристигнатите средства, Гелдоф се упатил кон коментаторската позиција на БИ-БИ-СИ. Тој таму дал едно неславно интервју, употребувајќи вулгарни зборови. По избувнувањето, донациите се зголемиле на 300 фунти на секунда.

Подоцна истата вечер, по настапот на Дејвид Боуви, видео-спот (монтажа на Колин Дин) снимен од СИ-БИ-СИ, бил прикажан на публиката во Лондон и Филаделфија, исто како и од страна на телевизии ширум светот. Но, на ниту еден пренос во САД, ниту на ЕЈ-БИ-СИ ниту на ЕМ-ТИ-ВИ (MTV), не бил прикажан видео-спотот). Видео-спотот прикажува прегладнети и болни деца од Етиопија, а во позадина оди песната “Drive” од Карс.

Прикажувањето на спотот поттикнува масовно донирање на средства. Иронично, Гелдоф претходно не сакал видео-спотот да биде прикажан поради ограниченост со време, за подоцна да дозволи откако Дејвид Боуви се понудил да го скуси својот настап за една песна. Како што Гелдоф ќе спомене за време на концертот, најмногу донации по глава на жител дошле од Република Ирска, иако во тоа време се наоѓала среде голема економска криза. Најголемата поединечна сума била уплатена од страна на кралското семејство од Дубаи. Тие преку телефонски разговор со Гелдоф донирале еден милион фунти. Следниот ден, новинарските извештаи пренеле дека се собрани 40-50 милиони фунти. Денес, се смета дека како директен резултат од одржувањето на концертите, се собрани околу 150 милиони фунти за надминување на гладта.

Гледаност, ТВ пренос

Концертот претставува најамбициозен меѓународен сателитски потфат, преземен во тоа време. Во Европа бил дистрибуиран од страна на БИ-БИ-СИ, кои обезбедиле пренос и до различни телевизиски канали ширум Европа. Најголем дел од преносот во САД бил извршен од страна на ЕЈ-БИ-СИ. Целосно засебен, истовремен пренос вршела музичката телевизија ЕМ-ТИ-ВИ (MTV), чиј пренос се вршел во стерео звук, и како таков бил достапен за оние кои поседувале специјални приемници, бидејќи во летото 1985 имало многу малку стерео приемници и само неколку телевизии биле во можност да пренесуваат во стерео звук. Додека преносот на БИ-БИ-СИ воопшто не содржел реклами, бидејќи БИ-БИ-СИ е јавен пренос, преносите на ЕМ-ТИ-ВИ (MTV) и здружението ЕЈ-БИ-СИ вклучувале реклами и интервјуа.

Радиската мрежа ЕЈ-БИ-СИ го емитувала америкаснкиот дел од преносот, а подоцна ги емитувала и многуте настапи кои недостасувале во оригиналниот пренос. Среде концерот Били Коноли изјавил дека само што добил информација дека 95% од приемниците во светот го следат овој настан. Во 1995 година VH1 и МачМјузик емитувале ново издание на 10-часовен повторен пренос на концертот, по повод 10-годишнината од неговото одржување.

Незаборавни моменти од Вембли и ЏФК

Квин добиваат масовни овации започнувајќи со “Bohemian Rhapsody”, за подоцна фронтменот Фреди Меркури да успее во намерата целата публика на Вембли да ракоплеска едногласно на звуците од “Radio Ga Ga” и “Crazy Little Thing Called Love”, за на крај заеднички збор по збор да ги испеат “We Will Rock You” и “We Are the Champions”.

Овој настап на Квин подоцна ќе биде изгласан од страна на обожавателите и музичарите како “најдобрата свирка во живо на сите времиња”.

Елвис Костело ќе ја испее едноставната, но трогателна верзија на Битлси на “All You Need is Love”, најавувајќи ја со тоа што ќе побара “помош од публиката заедно да ја испеат оваа стара северно-англиска фолк песна”.

Друг момент кој ќе предизвика големи овации кај публиката е изведбата на Дејвид Боуви на песната “Heroes”, која ќе ја посвети на својот млад син, како и “на сите наши деца, и сите деца на светот”.

Настапот на У2 за првпат ќе ги одреди како водечки бенд кој настапува во живо, нешто за кое подоцна ќе станат суперѕвезди. Боно ќе скокне од сцената за да и се придружи на публиката, и дури и ќе заигра со една девојка. Поради ова бендот ќе испее само две песни. Во јули 2005 година, истата девојка ќе изјави дека Боно всушност и го спасил животот. Таа била згмечена од страна на толпата која туркала нанапред, Боно тоа го забележал и започнал очајнички да им дава знаци на редарите да и помогнат (6.20 минута од видео снимката). За жал тие не сфатиле што сака да им каже, па тој бил приморан да скокне и самиот да и помогне.

На самиот почеток на концертот во Филаделфија, фолк-пејачката Џоан Баез ќе и се обрати на публиката, (како и на гледачите) со зборовите: “ова е вашиот задоцнет Вудсток”, за потоа да ја изведе “Amazing Grace” (во пар со неколку стихови од “We Are the World”).

Мадона ќе излезе на сцената, и покрај високата температура од 35 степени целзиусови и ќе изјави „денеска не планирам ништо да соблечам”, алудирајќи на скорешните разголени фотографии кои се појавиле во магазините Плејбој и Пентхаус.

Кога за време на настапот на Боб Дилан ќе му се скине жица од гитарата, Рони Вуд ќе му ја даде својата гитара и ќе остане на сцена со празни раце, по игнорирањето од страна на публиката, тој ќе започне да свири воздушна гитара, имитирајќи го стилот на свирење на Пит Тауншенд од Ху, со големи, кружни движења на раката, сè додека сценскиот работник не му донесе друга гитара.

За време на дуетот помеѓу Мик Џегер и Тина Тарнер на песната “It’s Only Rock ‘n’ Roll”, Џегер ќе искине дел од фустанот на Тарнер, која настапот го завршува во нешто што повеќе личи на трико, отколку на фустан.

Дуран-Дуран ќе настапат со четири песни. Петте члена од оригиналната постава нема да настапат заедно сè до 2003 година. Нивниот настап ќе биде запаметен и по случајниот фалсет направен од страна на фронтменот Сајмон Ле Бон за време на изведбата на “A View to a Kill”. Оваа грешка медиумите ја пренесуваат како “нотата која згрме ширум светот”. Сајмон подоцна се присетува дека тоа бил најсрамниот момент во неговиот живот.

Комплетната листа на изведувачи и настапи на Вембли и ЏФК, погледнете ја ТУКА.

Отсуства на популарни музички ѕвезди

Брус Спрингстин ја одбил поканата да настапи на концертот Лајв Еид, и покрај неговата огромна популарност во 1985 година. Подоцна изјавува дека едноставно не сфатил колку голем настан ќе испадне тоа.

Мајкл Џексон и Принс исто така не настапиле (иако Принс испратил претходно снимен видео-спот на акустичната верзија на 4 The Tears In Your Eyes, кој бил емитуван за време на концертот. Оригиналната верзија се појавува на албумот We Are The World, додека верзијата од видеото била објавена дури 1993 година на компилацијата на Принс The Hits/The B-Sides.)

Меѓу другите, и бендот Тирс фор Фирс не настапил, иако се наоѓал на списокот на изведувачи за концертот во Филаделфија.

Кет Стивенс напишал песна за Лајв Еид, која никогаш не ја извел, а ако ја извел, тоа ќе бил негов прв јавен настап откако ја променил својата вероисповед во исламска, менувајќи го своето име во Јусуф Ислам. Иако имал напишано песна специјално за таа намена, до негов настап не дошло поради тоа што настапот на Елтон Џон траел предолго.

Повторно обединетите Дип Парпл требало да настапат преку сателит од Швајцарија, но го откажале својот настап поради тоа што гитаристот Ричи Блекмур, одбил да учествува.

Eurythmics – Annie Lennox and Dave Stewart

Јуритмикс решиле да настапат, но Ени Ленокс го откажала учеството поради сериозни проблеми со грлото. Хјуи Луис со д Њус и Пол Сајмон обајцата прифатиле да настапат на концертот во Филаделфија, за подоцна да откажат поради несогласувања со промоторот Бил Греам.

Ѕвезди како Били Џоел, Бој Џорџ, Вејлон Џенингс, Крис Кристоферсон, Тирс фор Фирс и Стиви Вондер, исто како и Хјуи Луис со д Њус и Пол Сајмон биле најавени на рекламните постери за концертот во Филаделфија, но не се појавиле на шоуто.

Критики и контраверзи

Иако заколнат поддржувач на делото на Гелдоф, телевизискиот водител од Фокс Њус, Бил О’Рајли, ќе ги искритикува продуцентите за пропусти во организацијата при собирањето на пари за гладните луѓе во Етиопија, забележувајќи дека голем број од средствата од фондот се одлеале на сметката на Менгисту Хајле Маријам и неговата војска. О’Рајли тврди дека донациите во земјите кои примаат помош треба да бидат контролирани од страна на хуманитарните организации, а не од можно корумпираната власт.

Bob Geldof

Новинарот Тим Расерт, кусо време по забелешката на О’Рајли при едно интервју со Боно, го наметнува истото прашање. Боно ќе одговори дека токму корупцијата е најголемиот проблем во Африка, а не гладта или болестите, согласувајќи се дека странските хуманитарни организации треба да ги контролираат донираните средства. Од друга страна пејачот ќе изјави дека подобро е дел од парите да одат на погрешна сметка за доброто на оние на кои им се потребни, отколку да се затаи со донации поради можна кражба.

Голем дел од средствата собрани од страна на Лајв Еид отишле директно кај некои невладини организации во Етиопија, меѓу кои имало и такви, кои биле под влијание или контролирани од страна на воената хунта Дерг. Некои новинари претпоставуваат дека Дерг успеале да искористат дел од парите од Лајв Еид и хуманитарната организација Оксфам и да ги финансираат своите програми на преселувања, под кои околу 3 милиони луѓе се раселени, а околу 50-100 илјади се убиени.

Носачи на звук – ДВД изданија

Официјален сет од четири диска на ДВД од Лајв Еид концертите бил издаден на 8 ноември 2004 година. Тоа содржи 10-часовен дел од 16-часовниот концерт. ДВД-то е во продукција на компанијата на Гелдоф, Вудчарм лтд, дистрибуирано од страна на Ворнер Мјузик Груп. Одлуката за конечно официјално издание на Лајв Еид концертот, ја донел самиот Гелдоф речиси 20 години по одржувањето на концертот, поради тоа што пронашол голем број на копии од концертот на интернет. Околу официјалното издание имало бројни расправии поради одлуката да се исфрлат голем број на песни од него. Најцелосната снимка е сочувана од страна на БИ-БИ-СИ, и претставува главен извор за официјалното ДВД.

Користени извори: Википедија, Undiscover Music, BBC…

подготвил: Ј. Ѓорѓиоски

ФРОНТЛАЈН Е-БИЛТЕН

ПРЕТПЛАТИ СЕ НА Е-БИЛТЕНОТ НА ФРОНТЛАЈН И ДОБИВАЈ ГИ НАЈНОВИТЕ ВЕСТИ НА ТВОЈАТА Е-АДРЕСА

Check your inbox or spam folder to confirm your subscription.

НАЈНОВО

Инаугурација на папата Лав Четиринаесетти. Фото: Скриншот

Мистиката на папската облека и прстенот – симболи на моќ, жртва и светост

May 18, 2025

Алкалоид денеска во Атина го игра првиот натпревар од финалето во Европскиот куп против АЕК

May 18, 2025
Фото: Скриншот

Вучиќ: Студентите се заведени од социјалните мрежи и нивните професори, не ме интересираат никакви барања, само народот ќе се слуша

May 18, 2025

НАЈЧИТАНО

  • (ВИДЕО) Австрија победник на Евровизија 2025

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Научив дека смолата може да ја исуши црешата ко вмро Македонија

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • АД МЕПСО: Поради нискиот транзит и конзум на електрична енергија дојде до краткотраен испад на 110 киловолтната преносна мрежа

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Руското влијание во Србија и Балканот: Геноцид, пропаганда, негирање и хегемонија

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Тетовец зел 25.000 евра пари со камата, му одзеле два стана во вредност од 150.000 евра

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk