Лажна вест дека на пожарникари од Австрија кои помагаат со гаснење на пожарите во Малешевијата им е украдена моторна пила, вчера почна вирално да се шири на социјалните мрежи и од портали. Денес, директорот на Центарот за управување со кризи, Ангелов, Дирекцијата за заштита и спасување, а и пожарникарите директно ја демантираа оваа лага. Извинување и дилеми за вистинитоста објавија и двајца корисници на Твитер и Фејсбук, коишто меѓу првите вчера ја објавија оваа лажна вест. Кој и зошто објавува и шири вакви невистини, информира ЦИВИЛ.мк.
Првите „гласници“
Веројатно прв објавувач на лажната вест за украдена пила од австриските пожарникари е Твитер профилот „Канадиан којоте“.
„Значи, каква проклетија! Дојдоа луѓе од Австрија, 1200 км да помагат да гасат пожари со апсолутно секаква механизација и на крај да дојдат овде и да им ја украдат моторната пила! Пи пи.ка ви матер проклета!“, пишува во Твитот објавен на 10 август 2021 во нешто пред 20 часот. Оваа објава има над 100 ретвита и преку 400 допаѓања.
Лажната вест се прошири бргу и стана вирална на социјалните мрежи, а ја преземаа и некои портали, како што е Булевар кој, пак, како извор го цитираат Фејсбук профилот со име Бојан Петровски. Според објавите на овој профил, се работи за член на новата граѓанска иницијатива „Приклучи се“.
Објавата веќе не може да се види на Фејсбук профилот на Петровски, ниту пак на нeговата Фејсбук страница. Наместо тоа, на неговиот профил на Фејсбук има извинување за погрешно пренесена вест.
„Дури и јас наседнав на непроверена информација многумина што рекоа дека е вистина во лавинава од вести, иако барав потврда за информацијата и беше потврдена дека е вистина а сепак не била. Пилата била загубена или зафрлена како што велат за време на пожарите. Дечки што биле таму велат дека не се случил инцидент. Важно пожарот е изгасен, опремата пронајдена,нема жртви. Се извинувам за грешката“, пишува Петровски на Фејсбук.
Ден подоцна – и официјални деманти, од ЦУК, ДЗС, пожарникари…
Откако привлече големо внимание, лажната вест беше денес демантирана од ДЗС.
„Дирекцијата за заштита и спасување ги демантира лажните вести и објавата на Бојан Петровски на неговиот Фејсбук профил за наводно украдена пила од австриските пожарникари“, се вели во демантот на ДЗС објавен на Фејсбук.
Демантираше и директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.
„Тоа е вулгаризирање. Прочитав на Фејсбук дека недостасувала една моторна пила.Таа може да е било каде зафрлена и изгубена. Не заборавете дека се работеше за пожар, гореше оган на сите страни и не сакам ни да помислам дека некој украл моторна пила, која има вредност стотина евра“, изјави Ангелов на утринската прес конференција.
Демант пристигна и од самите пожарникари преку објава на Фејсбук.
„Нема украдено ништо!!! Ниту кај Австријците, ниту кај Словенците. Заедно сме на терен и дури станавме пријатели со многу од нив. Изгледа не сме расипан народ, како што сакате да не претставите“, пишува на Фејсбук пожарникарот Тони Димовски.
Кој и зошто шири вакви лажни вести?
Ако подобро се разгледа Твитер профилот„Канадиан којоте“, ќе се види дека се работи за сосем нов профил, отворен на Твитер пред неколку дена, на 5 август 2021. Тој почнува да постира по почетокот на пожарите во земјава, со изразито критички тон кон справувањето на институциите со пожарите. Веќе во 5-тиот твит, на 5 август, има 55 ретвитови, а во твитот под него дури 142 ретвита, што е прилично чудно за нов профил со 40-тина следачи, и повеќе укажува на оркестрирано споделување на постот од страна на пропагандистички центри познати по своите операции на социјалните мрежи.
Доколку ги разгледате ретвитувачите или споделувачите на оваа лажна вест, најголем дел од нив се исто така нови или лажни профили, или пак профили блиски до пропагандистички структури на ВМРО-ДПМНЕ и Левица на Твитер, кои честопати шират црна пропаганда кон политичките противници, како и лажни вести и дезинформации.
Инаку, денес, откако излезе демантот од пожарникарите и директорот на ЦУК, Ангелов, Твитер профилот „Канадиан којоте“ кој беше меѓу првите што ја објави лажната вест, исто така се огласи дека е подготвен да сноси одговорност доколку се работи за лажна вест.
„…Јас, Игор Пандурски, сум комплетно подготвен да ги сносам последиците од споделување на информацијата доколку се покаже дека е лага, т.е. да платам казна, или донирам $5000 на лице или организација. Доколку е точна информацијата да им се извинме на Австријците“, пишува во постот на „Канадиан Којоте“.
Како да се заштитиме од напливот на лажни вести и дезинформации?
Во овие денови, кога има хиперинфлација на разни информации, особено на социјалните мрежи, навистина е тешко да се одреди што е вистина, а што не. Ситуацијата станува уште потешка, имајќи предвид дека многу медиуми и портали, наместо да ги проверат ваквите тврдења и да ја играат професионалната улога на „филтер“, во трка со времето и за повеќе кликови, честопати стануваат и самите, свесно или несвесно, ширачи на дезинформации.
Но, масовното ширење на лажни вести најчесто не се случува поради грешка на некои индивидуалци или лековерност на многумина други, туку најмногу поради оркестрираното ширење на социјалните мрежи од страна на центри на пропаганда блиски до одредени партии. Оваа „шема“ за создавање конфузија и недоверба меѓу граѓаните функционира повеќе години во нашата земја, и сериозно влијае и на јавната дебата, но и на размислувањата и постапките на граѓаните.
ЦИВИЛ повторно ги повикува сите засегнати – граѓаните да ги изострат сетилата и да ги проверуваат вестите пред да им поверуваат. Професионалните медиуми – наместо проширувачи на дезинформации, да станат филтер и борци во битката со дезинформации, преку кои се нарушува нивната економска егзистенција и влијание во јавноста. Политичките партии – да ја зауздаат оваа неконтролирана пропаганда која носи само штета за сите, а никому добро. Институциите – да дејствуваат против дезинформациите, со брзи реакции, поголема транспарентност, но и со барање на нови решенија за овој проблем во рамки на демократските правила.
Мониторинг тим на ЦИВИЛ