Покрај крајно невкусните довикувања и навреди дека лекарите се убијци, на вчерашниот протест за крај на „присилната“ вакцинација и според организаторите, дискриминирачките мерки кон невакцинираните, може да се слушнат и некултурни пцовки упатени кон власта.
Во прилог видео снимка објавена од Сеир.мк.
Министерот за здравство, Венко Филипче денеска изјави е разочаран од вчерашниот протест кој беше организиран против новите мерки кои стапија на сила од денес, а на кој се говореше дека докторите се убијци, а новинарите се платеници.
„За жал, тоа беше протест полн со навреди и закани за здравствените работници. Оние кои ги жртвуваа животите, но и животите на нивните семејства. Верувам дека сепак пораката за безбедноста на целокупниот тој систем, за вакцинацијата, за важноста да се заштити јавното здравје, треба да им е јасно на граѓаните, ијави Филипче пред Министерството за здрвство.
По вчерашните довикувања дека „докторите се убијци“ на протестот против како што го нарекуваа организаторите дека е против „присилна вакцинација“ и новите мерки, реагираа од Асоцијацијата на специјализанти и млади доктори, градоначалникот на Штип, д-р Сашко Николов и многу други лекари, а денеска реакција на Фејсбук објави и медиционскиот техничар Денис Јанкуловски.
„И покрај навредите кои некогаш беа преголеми сепак ние си продолживме со нашата работна задача почитувајќи го чичко Хипократ. Ние сестрите но и болничарите, докторите, хигиеничарите, помошниот персонал, администрација, набавки, управа како и доброволците, волонтерите и сите добронамерни луѓе, некои со документ за заклетва, некои не, но сите ја носиме во срцето и оттаму таа ни е водилка низ оваа лудница од секаков вид. А се’ тоа е со една цел – драгоцениот човечки живот…..А ќе има уште погани усти. Нив ништо не ги мие. Толку им дал тој на кој се повикуваат“, пишува во објавата на Јанкуловски.
Министерот Филипче изјави дека ќе побара и Лекарската комора да излезе со свој став и осуда за тоа што вчера се случи.