Владата на Република Северна Македонија, денеска, 17.8.2021 година (вторник), со почеток во 12:30 часот, ќе ја одржи редовната 99-та седница со повеќе точки од својата програма за работа и од интерес на граѓаните.
На седницата ќе бидат разгледани заклучоците и препораките од четириесет и четвртиот состанок на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на Коронавирус КОВИД-19, одржан на 16 август 2021 година и ќе бидат донесени соодветни одлуки за заштита на колективното здравје на населението од заразната болест КОВИД-19.
Согласно Дневниот ред, на седницата ќе се дискутира и за неколку предлог-закони меѓу кои Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавни претпријатија и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за државен пазарен инспекторат, како и повеќе информации за спроведени и планирани активности на министерствата и органи во состав.
Владата ќе одлучи за предлогот на МОН, школската година да започне со физичко присуство, искажан на вчерашната седница на Главниот координативен кризен штаб. По разгледувањето на актуелната епидемиолошка состојба во државата, на состанокот на КШ е оценето дека се создадени услови новата школска година да започне со физичко присуство на учениците, а одделни исклучоци ќе бидат прецизирани на денешната седница.
За донесените одлуки и заклучоци од Владината седница, јавноста ќе биде известена преку соопштение веднаш штом ќе биде завршена.