Седум починати во изминатите 24 часа од 7 часот вчера до утринава во 7 часот бележи ковид центарот во Клиничката болница во Тетово, а меѓу нив најмлада е 19-годишна девојка, информираше координаторот на центарот, д-р Гзим Нуредини.
Меѓу починатите покрај 19-годишната девојка има луѓе на возраст од 43, 57, 51, 67, 73 и 76 години.
– Починатите се со хронични болести, како и најмладата пациентка која се соочувала со дијабетес и прекумерна телесна тежина. За тие 24 часа бележиме 15 нови примени на болничко лекување, како и 192 амбулантски прегледи. Вкупно сега има 111 на болничко лекување, меѓу кои шест пациенти со една доза и само еден со две дози примена вакцина, рече д-р Нуредини.
Вчера во Тетово имаше четири починати, со што во текот на пандемијата достигна бројка од 341 починати поради Ковид-19.
Од вчера во Клиничката болница Тетово за болничко лекување почна да се користи и третиот кат од интернистичкиот блок покрај модуларна болница, инфективно одделение и два ката од интерно одделение./МИА/.
КОРЕКЦИЈА:
Починатата тетовка немала 19, туку 59 години, a превид бил направен поради згрешен матичен број.
Сe работи за превид поради напишан погрешен матичен број на починатата пациентка, од каде се извлекуваат податоците за возраста и идентитетот.
Од Министерството за здравство велат – Нема почината пациентка на 19-годишна возраст во Клиничката болница во Тетово.
Информацијата ја коригираше и докторот Гзим Нуредини, координатор на ковид-центарот при Клиничка болница во Тетово, на чија изјава претходно се повикаа повеќе медиуми.