Во Северна Македонија, засега, трета доза вакцина против ковид-19 можат да примат само лицата кои се на дијализа и кои имаат трансплантиран орган. Националниот комитет за имунизација нема официјална препорака за ниеден друг граѓанин да прими трета бустер доза, иако некои научни студии покажуваат дека третата доза го зголемува имунитетот кој после вакцинацијата за неколку месеци опаѓа, пренесува Слободен печат.
„Сè уште траат испитувањата за тоа каков ефект има третата доза врз создавање на отпор кон коронавирусот. Американската агенција за храна и лекови (ФДА) има дадено препорака за трета доза на „Фајзер“ вакцина кај имунокомпромитирани пациенти, како и пациенти коишто се трансплантирани или пациенти коишто се на хронична дијализа. Европската агенција за лекови (ЕМА), се уште ја нема дадено таа препорака. Ги очекуваме препораките, како од производителите, така и од големите клинички студии. Тоа што во овој момент го знаеме е дека трета, бустер доза со производителот „Фајзер“, значајно ја зголемува ефикасноста, велат од Министерството за здравство за „Слободен печат“.
Неделава ќе бидат контактирани пациентите кои се на дијализа за да се почне со администрирањето на третата доза кај нив. Во меѓувреме, нема препорака за трета доза кај другите ризични категории со послаб имунитет.
Извор: Слободен печат