Со транспаренти „Нема воздух – нема мир“, „Сакаме да дишеме“, „Продавам сеќавање за чист воздух средношколците излегоа на протест пред Собранието, а оттаму се упатија кон Министерството за животна средина.
Празни останаа училишните клупи во многу средни училишта, меѓу нив и Раде Јовчесвки – Корчагин.
Обединети под мотото „Средношколците сакаат да дишат“ учениците од пред своите училишта го продолжија маршот низ Скопје.
-Се надеваме дека возрасните ќе бидат доволно возрасни да можат да се борат со ваквите проблеми кои тие ги создаваат. Проблемите кои тие ги создаваат ги оставаат да ги решат идните генерации, а тие идни генерации сме ние. Ние средношколците и студентите треба да се бориме со нивните проблеми. Ние знаеме и можеме и кажуваме како соодветно да се среди проблемот со загадениот воздух. Гласно и јасно кажуваме дека секојдневно ќе ги потсетуваме овие институции дека имаат неизвршени обрски кон нивните граѓани и дека нема толку лесно да се откажеме и дека ќе се бориме, бидејќи сите имаме право на чист воздух, порачаа средношколците и студентите кои се приклучија на протестот.
Меѓу оние кои денеска ја бојкотираа наставата беа и учениците од средното училиште „Никола Карев“ кои објавија видео во кое се гледа дека директорката им се закани дека ќе сносат последици за своите постапки. Скопскиот градоначалник Петре Шилегов донесе решение за разрешување на директорката на гимназијата „Никола Карев“ Горица Илиовска.
Денешниот марш го организираа движењето Fridays for Future-Скопје и коалицијата „Зелен фронт“.
Ј. Ѓорѓиоски