Министерот за правда Бојан Маричиќ на вечерашното интервју на телевизија „Сител“ оцени дека пописот се спроведува успешно, без речиси никакви проблеми и досега се попишани околу 900.000 граѓани или околу 100.000 дневно.
Според вчера објавените податоците од Институтот за јавно здравје, при направени 4.384 тестирање, регистрирани се 561 случај со Ковид-19, 29 починати и 507 оздравени пациенти. Вкупниот број ковид-дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 186.010, бројот на оздравени пациенти е 166.606, а на починати е 6.396. Надлежните апелираат на што поголем одзив за вакцинација.
Во Вашингтон, САД беше организирана средба помеѓу министерката за одбрана Радмила Шекеринска и американскиот секретар за одбрана, Лојд Остин III. Средбата измина во исклучително пријателска атмосфера при што министерката го запозна министерот за одбрана на САД со тековните процеси во одбранбената сфера и ги истакна позициите на Северна Македонија во геополитичките процеси во регионот.
Истражители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција вчера почнаа со првично разгледување на документација за модуларната болница во Тетово. Власта, од своја страна, порача дека воопшто не се меша во истрагата за пожарот во модуларната болница во Тетово, нагласувајќи дека очекува брза и успешна истрага за целиот случај.
Состојбата во училиштата во државата е безбедна и засега нема интерна трансмисија на вирусот во училишните објекти. И здравствените власти информираа дека нема зголемен број на позитивни случаи на деца во болниците, како што дел од медиумите сакаа лажно да претстават. Ова го истакна министерката за образование и наука Мила Царовска.
М. М.