ЖАРКО ТРАЈАНОСКИ / ЦИВИЛ МЕДИА
Иако колумната е жанр кој овозможува слобода на изразување на лично мислење, овој жанр честопати се злоупотребува за говор кој поттикнува дискриминација и омраза врз основа на политичка припадност.
Во овој текст ќе анализираме колумна која ја преминува границата на слободата на изразување, како пример за „патриотски“ говор кој поттикнува омраза против политички неистомисленици кои се стигматизираат како „нео-врховисти“.
„Патриотскиот“ говор против „нео-врховистите“ во ВМРО-ДПМНЕ
Во колумната на д-р Оливер Андонов „Прилози кон историјата на В.М.Р.О.“, се содржат теории на заговор за „разнебитување на Македонија“ и потпалувачки изрази против „нео-врховистите вгнездени во срцето на ВМРО-ДПМНЕ“.
Главна мета на нападот на колумнистот, инаку поранешен министер за внатрешни работи, е токму актуелниот лидер на партијата ВМРО-ДПМНЕ, која го предложи Андонов за министер.
Во колумната е забележлива лична нетрпеливост и навредлив говор кон лидерот на ВМРО-ДПМНЕ (опишан како „корисниот идиот“, „политичкиот дилетант Мицкоски“,„жалосно малоумно детенце наречено – „МИЦИКА / МИЦИ / МИЦКО“ итн.).
Но, токму потпалувачкиот говор кон „нео-врховистите“ и нивната „марионета“ загрижувачки ја преминува црвената линија на слободата на изразување:
„Така започна проектот, со Мицкоски како фронтмен (марионета) во ВМРО-ДПМНЕ, а во позадина прикриени останаа нео-врховистите додека марионетата беспоговорно ги извршуваше добиените задачи. До толку сакаше да ја покаже својата лојалност, од страв да не згреши и по сугестија на заговорниците, побара официјално обезбедување од МВР. Така нео-врховистите и Заев имаа целосно 24 часовно (real time) покривање на Мицкоски.“ – пишува д-р Оливер Андонов во „Прилози кон историјата на В.М.Р.О.“
Најнапред, „нео-врховистите“ се прикажани како реална политичка моќ, чија марионета бил плашливиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ. На „нео-врховистите“ им се припишува дека не само што целосно безбедносно го покривале, туку и му наметнувале решенија на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, како решението да го бојкотира референдумот во 2018:
„Бидејќи, Господ не му беше дал машко срце ниту пак, по нашки, ташаци меѓу нозете, спасот од тоа да се бори и излезе на мегдан (како што му беше сугерирано од многу странски амбасади) го виде во наметнатото од нео-врховистите решение „БОЈКОТИРАМ“, за Мицика „кец на десетка“. Во оваа ситуација се виде раскошниот талент за манипулација на Мицика како и подготвените „решенија“ на нео-врховистите за сите проблеми на Македонскиот народ.“ – пишува д-р Оливер Андонов.
Ваквиот говор против „нео-врховистите“ прави јасни поделби помеѓу „ние“ („патриотите“) и „тие“ (сугерирани како „предавници“) што е една од одликите на „патриотскиот“ говорот кој поттикнува омраза кон неистомисленици.
Преминувањето на „црвената линија“
„Проектот донесување на Мицкоски за прв човек на ВМРО-ДПМНЕ е втор таков заговор во историјата на ВМРО, првиот е кога Врховниот комитет (врховистите) го поставуваат Иван Гарванов, во Јануари 1903 г., за претседател на ВМРО, исто како и Мицика нивен, професор од областа на природните науки.“ – пишува д-р Оливер Андонов.
Црвената линија на слободата на изразување се преминува во моментот кога „теоријата на заговор“ – „Проектот донесување на Мицкоски за прв човек на ВМРО-ДПМНЕ“ – се споредува со друг историски заговор: „кога Врховниот комитет (врховистите) го поставуваат Иван Гарванов, во Јануари 1903 г., за претседател на ВМРО“.
Веднаш се забележливи неколку дезинформации и митови кои ја прават ваквата споредба неоснована.
Како прво, во 1903 немало организација „ВМРО“, туку ТМОРО (името ВМОРО го добива на конгрес во 1905).
Второ, точно е дека Гарванов бил средношколски професор по физика, која е природна наука, но Мицкоски е професор по предмети од областа на техничко-технолошки науки.
Трето, нема историска потврда дека „Врховниот комитет (врховистите) го поставуваат Иван Гарванов, во Јануари 1903 г., за претседател на ВМРО“ – во јануари 1903 Гарванов бил избран за легитимен претседател на Солунскиот конгрес на ТМОРО, на кој била донесена одлука за кревање на востание која била прифатена и од задграничното претставништво и од Смилевскиот конгрес на Битолскиот револуционерен округ.
Бездруго, улогата на Гарванов во историјата на македонското револуционерно движење е контроверзна, но она што е најбитно во неговиот животопис е дека бил убиен како задграничен претставник на ВМОРО во 1907, по наредба на Јане Сандански и неговите приврзаници, по што Сандански бил исто така осуден на смрт од спротивното крило.
Злоупотребата на историјата за „патриотски“ говор кој поттикнува омраза
Но, да видиме поконкретно како е злоупотребен контроверзниот историски лик на Гарванов во колумната против „нео-врховистите“:
„Од крвавите рани кои ги создаде Гарванов, „благодарение“ на несоодветните политики по сугестија на врховистите, со губење на плеада најхрабри и најверни синови на Македонија, на ВМРО му требаа 20 години за да се соземе. После Мицкоски не знам колку време ќе му биде потребно на ВМРО-ДПМНЕ да го надмине овој подол удар на нео-врховистите.“ – пишува д-р Оливер Андонов.
Сосем неоснована е споредбата на Мицкоски со Гарванов, како што е неоснована и споредбата на МРО/ТМОРО/ВМОРО со ВМРО после 20 години, и споредбата на ВМРО-ДПМНЕ со ВМРО на Тодор Александров и Александар Протогеров.
На Гарванов му се припишува не само одговорност за „крвавите рани што ги создаде“ (иако починал од крави рани, убиен заедно со еден од водачите на Илинденското востание – Борис Сарафов) и за „губење на плеада најхрабри и најверни синови на Македонија“, туку и за уништување на ВМРО („му требаа 20 години за да се соземе“). Станува збор за фактички незасновани обвиненија, без историска поткрепа, особено кога ќе се земе предвид дека лицата кои биле изнесени на суд по убиството на Сандански (кој го наредил убиството на Гарванов), изјавиле дека спроведувале наредби токму од Александров и Протогеров, а Сандански го мразеле како „турски шпион“.
Накусо, контроверзната историја на македонското револуционерно движење се злоупотребува за говор на омраза кон „нео-врховистите“, кој може да се толкува и како заканувачки говор кон Мицкоски како олицетворение на „подол удар на нео-врховистите“ врз ВМРО-ДПМНЕ.
Воопшто не е наивно ни обвинувањето кон Мицкоски дека спроведува насилие со цел да го осигура владеењето на Заев:
„Насилието кое го спроведува Мицкоски подржано и проектирано од заговорниците (нео-врховисти), а со цел да го осигура владеењето на Заев и групата малоумници македономрзци околу Црпнатиот…“ – пишува д-р Оливер Андонов.
Ваквите неосновани обвинувања од страна на колумнистот – проследени со жестоки навреди, теории на заговор, имплицитни закани, и потпалувачки „патриотски“ говор кон „македономрзците“ – ја поминуваат линијата на слободата на изразување и преминуваат во сферата на говорот кој поттикнува омраза кон политички неистомисленици и имплицитно насилство (врз основа на неосновани историски аналогии, толкувања и алузии).