За изјавите на бугарскиот претседател, Европската Комисија потсети денеска дека земјите членки под ниеден услов не смеат да се мешаат во домашните работи на други земји, членки на ЕУ. Будно се следи состојбата за цените на основните производи. Раст на извозот за 31.5 %, увозот за 34 отсто. Шилегов со нов стратешки сообраќаен проект. Арсовска, Славевски и ВМРО-ДПМНЕ се против покачување на платата кај текстилните работнички.
ПОЛИТИКА, ИЗБОРИ И ЕКОНОМИЈА
Министерот за економија Крешник Бектеши смета дека не се задоцнети евентуалните активности за замрзнување на цените на основните производи и вели дека не се точни предвидувањата дека до крајот на годинава тие ќе поскапат за околу 50 проценти.
Денешнава показна вежба на нашата Специјална антитерористичка единица – Тигар, како круна на завршената речиси едномесечна обука што ја спроведоа експерти припадници на италијанските карабинери, е дополнителен доказ за решеноста на Министерството да истрае во својата визија за институција што навистина ќе биде непробоен бедем за сите прекршители на законите за сите закани по безбедноста на граѓаните и државата, истакна Спасовски.
Европската Комисија потсети денеска дека земјите членки под ниеден услов не смеат да се мешаат во домашните работи на други земји, членки на ЕУ или не, одговарајќи на прашање на дописничката на МИА за изјавите на бугарскиот претседател. МИА денеска побара реакција од Европската Комисија откако бугарскиот претседател Румен Радев вчера од Словенија изјави дека очекува 120 илјади граѓани да бидат попишани како Бугари во Северна Македонија.
Бесрамно е учеството на Данела Арсовска на дебата на тема „социјално и економско зајакнување на жените“ на „Текстилијада“ во Штип. Арсовска, Славески и ВМРО-ДПМНЕ беа здружени против покачувањето на минималната плата на работниците. Откако Арсовска и Славески ја манипулираа јавноста дека минималната плата не треба вештачки да се покачува, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не гласаа за Законот за покачување на минималната плата и ја напуштија собраниската седница кога требаше да се гласа, велат од СДСМ.
Вклучувањето на Бугарите во Уставот не е спротивно на нашите интереси, изјави Османи. Северна Македонија никогаш немала проблем да признае различни етнички групи кои имаат можност да ги манифестираат своите идентитетски, културни, историски атрибути, па ниту на бугарската заедница во Република Северна Македонија.
Премиерот Зоран Заев денеска изрази уверување дека може да се изнајде решение со Бугарија до крајот на декември затоа што, како што нагласи, тоа е можно, затоа што различностите не ни се толку големи и имаме должност да отвораме иднина, а не да бидеме заглавени во минатото.
Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари – август 2021 година, изнесува 4.562.214.000 евра и бележи пораст од 31,5 отсто во однос на истиот период лани, соопшти Државниот завод за статистика.
Со увид во градежните работи на клучката кај Момин поток, градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов денес ја продолжи презентацијата на клучните стратешки сообраќајни проекти со кои до 2024 Скопје станува град со целосно решени сообраќајни проблеми. Истакна дека клучката на Момин Поток ќе е готова за 18 месеци.
ОПШТЕСТВО
Министерот за економија Крешник Бектеши го осудува физичкиот напад врз претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски што завчера вечер се случи на тераса од угостителски објект во централното подрачје на Скопје и смета дека тоа не може да го загрози енергетскиот сектор во земјава.
СОЦИЈАЛА
Привршува изградбата на социјалната зграда во Гевгелија. Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, денеска оствари работна посета на општина Гевгелија, каде изврши увид во реализација на инфраструктурни проекти што се градат во општината со поддршка на централната власт.
ПРАВДА
Иако ги дадов сите одговори, ќе се повторам за да биде почисто. Реков дека важен влезен елемент за донесувањето на мојата одлука ќе биде истрагата во делот на причините на настанувањето на пожарот во модуларната болница во Тетово, истакна Заев. Јавното обвинителство и судот ќе одлучат дали има човечка, индивидуална, субјективна или каква било одговорност за пожарот во модуларната болница во Тетово.
ПАНДЕМИЈА
Канцеларијата на СЗО во Северна Македонија денеска до Министерството за здравство/Институтот за јавно здравје достави пет носачи на вакцини и 1250 тестови и реагенси за секвенционирање на вируси, во рамки на тековниот одговор на КОВИД-19.
ЗЕЛЕНА
Во пресрет на зимата, која скопјани највеќе ги асоцира на аерозагадување и смог, релевантни податоци покажуваат дека сепак од година во година жителите на главниот град дишат помалку загаден воздух. Системските напори на властите се очекува да донесат зима со најмало аерозагадување, најавени инвестиции во зелени извори на енергија.
М. М.