Министерот за економија Крешник Бектеши денеска изјави дека Аријанит Џафери лично му се извинил на претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски за физичкиот напад од вторник. Од РКЕ за Дојче веле ја демантираат оваа изјава.
Сопственикот на фирмата „У Пауер“, Аријанит Џафери не му се извинил за физичкиот напад на претседателот на Регулаторната комисијата за енергетика Марко Бислимоски. Министерот за економија Крешник Бектеши денеска пред медиумите тврдеше дека Џафери се извинил за нападот кој се случи во вторникот пред полноќ во еден ресторан во скопско Дебар Маало.
Од Регулаторната комисија за Дојче Веле го демантираат Бектеши и велат дека тоа не е точно.
„Џафери не се извинил“.
Аријанит Џафери, син на поранешниот функционер на ДУИ Муса Џафери, вчера заработи кривична пријава за насилство од МВР. Тој самиот се јавил на разговор во полициската станица во Кисела Вода и во целост го признал делото.
Премиерот Зоран Заев денеска го осуди инцидентот, оценувајќи го како „недозволиво, чин на кривично дело“.
Извор: Дојче веле