„Принципит на кој функционира Бас рапит транзит системот е совршено ист со тој на трамвај. Го избравме БРТ бидејќи сме сиромашен град и држава. Овој проект за кој зедовме кредит од ЕБРД чини 70 милиони евра, ако влезевме со шини и трамвај тоа ќе не чинеше 360 милиони евра“ кажа кандидатот за градоначалник на Град Скопје од СДСМ и коалицијата, Петре Шилегов на „Само интервју“ на Канал 5.
„Каков градоначалник би бил ако дозволам градот да може да добие соодветен транспортен систем за 70 милиони евра а јас да речам дека ќе потрошиме 360 милиони?“ запраша Шилегов.
Тој исто така додаде дека БРТ системот е популарен во сите современи градови каде што нема шински возила, а како пример го посочи и Истанбул каде што овој систем функционира за град со преку 20 милиони луѓе.
Шилегов објасни дека со БРТ системот се менува целокупниот транспортен систем на Скопје, а со отворањето и проширувањето на булеварите околу централното градско подрачје, се ослободува малиот ринг на Скопје за овие автобуси и за пешаци.
Парите на граѓаните ги вложуваме во развој на сите делови на градот
-Во делокругот на надлежностите на Град Скопје активно работевме на решавање на проектот Скопје 2014, истакна кандидатот за градоначалник на Скопје од СДСМ, Петре Шилегов во гостувањето на Канал 5 телевизија. Тој потсети дека е отстранет споменикот на Ќосето, бидејќи испраќало многу лоша порака да е поставен егзекутор пред судовите и додаде дека наместо панорамско тркало сега постои пешачки мост.
-Во голем дел од проектите поактивно требаше останатите институции да се вклучат. Оваа казна од граѓаните е токму и заради тоа. Ако 680 милиони евра потрошиле вашите претходници на еден метар квадратен, без да вложуваат во останатите делови од градот не е во ред парите кои треба да се насочат за развој на тие делови да се потрошат на демонтажа на барокот, кажа Шилегов.
Тој нагласи дека средствата биле вложувани во реконструкција на Пластичарската улица, на изградба на булеварот „Никола Карев“ и булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“.
-Дел од средствата беа пренасочени и за приритетите што се појавија од пандемијата, пари беа пренасочени за борбата со пандемијата, за решавање на влезовите во Клиничкиот центар и друго, додаде Шилегов.