– Денес говориме за Дрисла – депонијата која девет години беше симбол на криминалот на ВМРО-ДПМНЕ, најопасен загадувач на воздухот во Скопје и опасност по здравјето на граѓаните. Скопската депонија беше извор на загадување каде се гореше и складираше опасен отпад, а нејзината криминална продажба и управување го доведуваа здравјето на скопјани во ризик. Ова е минато благодарение на нашите напори ја вратиме Дрисла во владение на Град Скопје, со овие зборови градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов ја започна денешната прес конференција.
– Со тоа почнавме да инвестираме после девет години никакво вложување во депонијата, спречивме горење и складирање на опасен отпад, нешто што за ВМРО-ДПМНЕ претходно беше главен бизнис. Цели девет години, откако ВМРО-ДПМНЕ ја отуѓи Дрисла ништо не беше вложено, нагласи Шилегов.
– Девет години немаше ниту една инвестиција, а ние за година и пол успеавме да набавиме нов стерилизатор за третман на медицински отпад од познатата италијанска марка ЦИСА – иновативен систем целосно автоматизиран со висока технологија и квалитет. Со набавката на стерилизаторот се стави крај на неодговорното и несовесно постапување со медицински отпад, односно несоодветната обработка на медицинскиот отпад, којшто потоа завршуваше на Дрисла како обичен отпад, што претставуваше потенцијална опасност за животната средина и за здравјето на луѓето, потенцираше Шилегов.
– Системот за третман на медицински отпад е опремен со шредер што го намалува до 80% неговиот волумен, со сува вакуум пумпа што придонесува за заштеда на потрошувачката на вода и до 98%, како и со систем за заштеда на енергија кој истовремено обезбедува и еколошка безбедност и не дозволува воздухот што го испушта стерилизаторот да ја загадува околината, додаде Шилегов.
– Градежните машини со кои располага и кои се во сопственост на претпријатието се комплетно сервисирани во сервисот на претпријатието и се повторно вратени во употреба. Старите и дотраени теренски возила се заменети со нови 3 теренски возила, неопходни за непречено движење по пристапните патишта до депонијата кои се тешко проодни со лесни моторни возила. По десет години комплетно се отворени и дренажните канали околу целата депонија, продолжи Шилегов.
– За редовно мерење на амбиенталниот воздух, набавена е нова мерна станица за амбиенталниот воздух со автоматско ажурирање на податоците на една минута. Воведен е нов софтвер за дигитализација на деловните процеси и на процесите за третман на отпадот на депонијата согласно со европските стандарди. Поставен е нов систем за видеонадзор, со што целата површина на депонијата е комплетно покриена со камери, дополни Шилегов.
– Денес граѓаните на Скопје може да бидат спокојни дека Дрисла повеќе не го труе Скопје. Во Дрисла се работи законски, не согорува опасен увезен отпад како во времето на ВМРО-ДПМНЕ и со тоа здравјето на граѓаните повеќе не е во ризик, нагласи Шилегов.
– Дрисла во следниот период добива голема инвестиција со што го решаваме еден од најгорливите проблеми – дивите депонии од градежен шут кои за жал ги создаваат несовесните граѓани. Имено, Дрисла за прв пат ќе започне со третирање и преработка на интертен отпад – градежен шут. Така, наместо да се плаќа за депонирање на шутот кој сега ги мотивира некои да го исфрлаат на диво и да ја загадуваат природата, тоа ќе може да го прават бесплатно во депонијата кој ќе го преработува и од него ќе произведува градежни материјали, најави Шилегов.
– Дрисла беше симбол на корупцијата и криминалот на претходната власт, извор на загадување и опасност за скопјани. За само четири години ја претворивме во ефикасно претпријатие каде безбедно и одговорно се третира отпадот без да се загрозува животната средина. Претпријатие кое се развива и кое во следниот мандат ќе прерасне во модерен центар за третирање на отпад по светски стандарди со што ќе го решиме проблемот на дивите депонии во градот. На изборите во недела бираме дали сакаме овој развој и заштита на здравјето на граѓаните да продолжи или сакаме да ја вратиме Дрисла на управување на истите кои ја продадоа за криминални цели и свесно го труеја градот и скопјани, заклучи градоначалникот Шилегов на крајот од денешната прес конференција.