Поради Преспанскиот договор, Договорот со Бугарија и поради тоа што го исполнивме целосно Охридскиот рамковен тие се обидуваат да ме претстават како предавник, но јас се сметам за најголем патриот, затоа што македонскиот јазик и македонскиот идентитет никогаш порано не биле попризнаени и повтемелени на меѓународно ниво, нагласи претседателот на СДСМ, Зоран Заев во интервјуто на Клан телевизија.
-Пред 2017 година за целиот свет бевме ФИРОМ. Во извештаите пишуваа „вашиот народ“, „вашиот јазик“, но денеска сме Македонци, со македонски јазик, кажа Заев.
Тој додаде дека од друга страна се политичките противници, кои се против сите три договора, иако тие договори државата меѓународно ја етаблирале.
-Веќе имаме избрани градоначалници кои водеа протести за „чиста Македонија“. Тоа не е иднината. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ не употребува „Северна“. Како тој очекува да продолжиме кон Европската унија? Народот мора да знае дека евентуалното враќање на ВМРО-ДПМНЕ, кое нема да го дозволиме, ќе го крши Уставот, нема да го користи новото уставно име и во старт ќе провоцира барем една земја, а тоа е Грција. Ние почнавме соработка од милијарди евра и ризикот е огромен, а провокациите од таа конзервативна структурна, делумна и нацистичка во лицето на Левица, па донекаде и ВМРО-ДПМНЕ не е иднината, заклучи Заев.