На гостувањето во емисијата „Само интервју“ на 28.10.2021, кандидатката за градоначалник на град Скопје, Данела Арсовска потврди дека ја менаџирала спортската сала „Расадник“, откако и беше поставено новинарско прашање: „…имате ли вие некаква врска, или вашето семејство, со таа сала, ја имавте под концесија, дали вие ја менаџиравте?“, пишува ЦИВИЛ.
Иако Арсовска прво одговори дека поднела тужба за таа работа, откако новинарот и укажа „има некоја Империјал фирма што се спомнува…“, Арсовска потврди:
„Ете така… Мора да ви кажам, јас во овие 20 години сум била менаџер во многу претпријатија, и секаде до моментот додека сум била менаџер тие биле успешни претпријатија…“
Новинарот на Канал 5 експлицитно и постави прашање на Арсовска дали „е оваа сала дел од вашето портфолио?“, на што Арсовска одговори потврдно:
„Да, била пред 20 години, меѓутоа тие сите документи кои што се извадени и лагите кои што се искажани за да се направи целата оваа конструкција, за жал се невистина…“
Арсовска негираше дека салата била оставена во долгови, и укажа дека за таквите тврдења поднела веќе тужба, и дека очекува официјално разјаснување.
Откако новинарот на Канал 5 и укажа „Ама сега не знам колку вие имате удел во тоа, инаку салата се распаѓа, тоа се гледа дека не е добро менаџирано“, Арсовска реагираше: „Јас удел во тоа немам, ама ќе се докаже во следните денови кој лошо ја менаџира…“.
Во претходните денови, СДСМ на прес конференции укажуваше дека Арсовска ја крие поврзаноста со салата Расадник во биографијата објавена на нејзината Фејсбук страница. Според СДСМ, Арсовска била „катастрофален менаџер на скопската сала Расадник, изградена со самопридонес на скопјани, а ја зела под закуп на 25 години за само илјада евра месечно кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ“.
Од СДСМ исто така обвинија дека Арсовска се обидела да ги скрие од јавноста и семејните фирми со седиште на адресата на салата „Расадник“, а дека го криела и нејзиното моминско презиме Јовановска, „за да не се открие нејзиниот непотизам и поврзаноста на нејзините семејни фирми од сала Расадник со хотелите „Империјал“ и „Ројал“.“
„Цивил медиа“ направи проверка во Централниот регистар (регистар на вистински сопственици) на тековна состојба за физичко лице – вистински сопственик за „Данела Арсовска“. Од добиените податоци се гледа дека Данела Арсовска е 100% вистински сопственик само на субјектот „Независен кандидат за градоначалник на град Скопје Данела Арсовска Локални избори 2021“, чиј организационен облик е опишан како „политичка партија“.
По ваквиот резултат, логично се поставува прашањето: Каков е тој успешен менаџер, како што се претставува во секое свое обраќање Данела Арсовска, кој има(л) врска со повеќе фирми, а сега не е вистински сопственик на ниту една фирма, освен субјектот кој собира финансиски донации за локалните избори?
„Цивил медиа“ направи проверка и во базата „Business and Financial Data Exchange of Southeast Europe“, каде што пребарувањето за „Danela Arsovska” ги дава следните резултати.
Од резултатите во оваа база на податоци се гледа дека покрај тоа што е правен претставник на својот политички субјект регистриран за потребите на кампањата на локалните избори, Данела Арсовска е и „член на надзорен одбор“ на финансиска институција во Скопје – Центар, а исто така и правен претставник во Штип на „екстериторијална организација“, правен претставник на организација на работодавачи во Кисела вода, како и авторизиран претставник на оддел на компанија во Скопје – Кисела вода.
Резултатите од пребарувањата не укажуваат дека Арсовска е сопственик на фирма, со што се потврдува нејзината изјава дека нема фирма на нејзино име.
Но, по изјавата на Арсовска „во овие 20 години сум била менаџер во многу претпријатија“, се поставува прашањето: зошто тие претпријатија не се спомнати во нејзината биографија, како доказ и пример на едно од главните тврдења на нејзината кампања – дека била успешен менаџер?
Покрај доказите за нејзино менаџирање на салата Расадник, што го потврди и Арсовска, СДСМ на неколку прес конференции изнесе повеќе докази дека таа порано била сосопственик и менаџер на повеќе фирми заедно со нејзиниот татко, дел од кои биле регистрирани со седиште во салата „Расадник“, a дел на други адреси.
Кога ја објави својата биографија, Арсовска пред јавноста рече: „сакам да знаете дека секогаш сум и ќе останам транспарентна по сите прашања“. Но, Арсовска ги избегнуваше повеќето новинарски прашања во врска со нејзиното менаџирање на фирми што не се спомнати во нејзината биографија, и остана сосем нетранспарентна за нејзиното минато како менаџер на фирми.
Кога кандидат за градоначалник се претставува како успешен менаџер и постојано тврди дека на градот му треба добро менаџирање, јавноста има право да знае каков менаџер бил тој кандидат во минатото. Ако Арсовска била успешен менаџер во многу претпријатија, како што тврди, јавноста има право да ги знае тие претпријатија, за да оцени дали нивното менаџирање било успешно.
Исто така, јавноста има право да знае, зошто лицето што се претставува како успешен менаџер не е вистински сопственик на ниту една фирма, иако во минатото фигурирало како сосопственик на повеќе семејни фирми заедно со нејзиниот татко?
Цивилмедиа во текот на предизборната кампања се обиде да стапи во контакт со Арсовска и да реализира интервју. И покрај неколкуте обиди, испратени покани и контакти со нејзиниот предизборен штаб, Арсовска не се одѕва на поканата на Цивилмедиа.