Казахстански авион со 98 патници се урна рано утринава непосредно по полетувањето, а официјални лица наведуваат дека досега се загинати најмалку 15 лица, пренесе МИА.
Властите наведуваат дека најмалку 66 лица се повредени, од кои 50 веќе се пренесени во болница.
Авионот на компанијата „Бек ер“ ја загубил височината по полетувањето од меѓународниот аеродром во Алмати и ја пробил бетонската ограда, пред да се удри во двокатна зграда.
Бизнисменот Аслан Назаралиев, кој ја преживеал несреќата за весникот „Времја“ изјавил дека авионот почнал да се тресе две минути по полетувањето.
-Во еден момент почнавме да паѓаме, не вертикално, туку под агол. Се чинеше како да е изгубена контролата врз авионот, рече тој.
Друга преживеана патничка изјавила дека слушнала „ужаснувачки звук“ пред авионот да почне да паѓа.
-Авионот почна да се навалува. Сето тоа изгледаше како на филм: врисоци, врева, луѓето плачеа, кажа таа.
Британските медиуми наведуваат дека во непосредна близина на аеродромот имало густа магла.
Засега не се знае причината за падот на авионот, но суспендирани се сите летови на авионот „Фокер 100“. Компанијата „Бек ер“ се уште не ја коментираше несреќата.