Денешното гласање за локалните избори во Дебар (14 ноември 2021) ќе го следат четири акредитирани набљудувачи на ЦИВИЛ. Организацијата апелира до избирачките одбори во оваа општина да имаат предвид дека сите набљудувачи на ЦИВИЛ, без исклучок, се мобилни, се вели во денешното соопштение на организацијата.
„Изборниот мониторинг се спроведува со цел да се помогне изборниот процес да биде законит, фер и демократски. Во прв ред, интересот е насочен кон заштита на фундаменталните човекови права и правото на глас. Затоа, очекуваме добра соработка со избирачките одбори, односно со целата изборна администрација“ – порачуваат од ЦИВИЛ.
ЦИВИЛ апелира до изборните органи и политичките партии, учесници во изборната трка, да го почитуваат Изборниот законик и добрите изборни практики и да овозможат мирен и достоинствен изборен ден. Организацијата ги повикува граѓанките и граѓаните да гласаат слободно и достоинствено, а секоја нерегуларност да ја пријават во ЦИВИЛ.
ЦИВИЛ ги повикува сите граѓанки и граѓани да пријавуваат изборни нерегуларности, притисоци и закани, корупција на Граѓанската пријава и да не подлегнуваат на дезинформации и говор на омраза.
Првиот извештај од изборниот мониторинг на ЦИВИЛ во Дебар, ќе биде објавен напладне.