Армискиот полковник Драган Ковачки е предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за технички министер за внатрешни работи, во техничката влада која треба да ја води земјата наредните 100 дена до завршување на предвремените парламентарни избори. Но овој предлог се оспорува од страна на министерката за правда Рената Дескоска, веднаш по објавување на неговото име во јавноста. Дескоска потсети дека, според член 97 од Уставот и според законите, воено лице не може да раководи со МВР.
„Со органите на државната управа во областа на одбраната и полицијата раководат цивилни лица кои непосредно пред изборот на тие функции биле цивили најмалку три години“, напиша Дескоска на Фејсбук.
Веднаш по средбата со опозицискиот лидер, се изјасни и премиерот Зоран Заев, кој потврди дека предложениот кандидат е проблематичен за Уставот и законите, а не како личност.
„Заради ова прашање, ние ќе се консултираме со нашата стручна јавност и владината стручна експертиза која постои, а ја повикувам и јавноста да го даде своето мислење. Се јави дилема и за минатите времиња, за господинот Силјан Аврамовски, Митко Чавков… Тие се овластени лица, не значи дека овластено лице не е цивилно лице, овде имаме проблем бидејќи е предложено воено лице. Уставот дефинитивно јасно определува дека со одбраната и полицијата раководи лице што било цивилно лице најмалку три години. Значи може и минато да има како воено лице, но последните три години да бил цивилно лице, пензиониран генерал, полковник, потполковник”, изјави Заев.
Вечерва премиерот Зоран Заев за овие ставови ќе го извести и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, а наредните денови треба да изнајдат решение за новонастанатата ситуација. За ова прашање и за другите текнички министри и заменици министри, партиите имаат време да се договарат до 3 јануари, кога е последниот рок за избор на техничката влада, како услов за одржување на изборите на 12 април.
Арбен Зеќири