Оштетувањето на срцето последично на Ковид-19 се протега многу подалеку од почетните фази на болеста, според студијата која покажа дека дури и луѓето кои никогаш не биле доволно болни за да им биде потребна хоспитализација, се во опасност да развијат срцева слабост и смртоносни згрутчувања на крвта една година подоцна.
Срцевите болести и мозочниот удар се веќе водечки причини за смрт во светот. Веројатностa за смртоносни срцеви компликации кај преживеаните од Ковид, кои се стотици милиони на глобално ниво, ќе се зголеми уште повеќе, според студијата, која се разгледува за објавување во списанието Nature.
Шансите за срцев удар, мозочен удар или друга голема кардиоваскуларна компликација во првите 12 месеци од закрепнувањето на Ковид се зголемуваат, велат научници.
„Последиците од „Ковид-19“ се значителни“, рече Зијад Ал-Али, директор на клиничкиот епидемиолошки центар во системот за здравствена заштита на ветераните Сент Луис во Мисури, кој го предводеше истражувањето.
„Владите и здравствените системи мора да се разбудат со реалноста дека „Ковид“ ќе фрли висока сенка во форма на долг „Ковид“ и ќе има катастрофални последици. Загрижен сум што ова не го сфаќаме доволно сериозно“, вели тој.
Да се биде хоспитализиран поради Ковид, носи 5,8 пати зголемен ризик од срцев удар и речиси 14 пати поголема шанса за миокардитис, или воспаление или срцев мускул, покажа студијата. Пациентите со Ковид на кои им била потребна интензивна нега се изложени на значително поголем ризик, при што речиси секој седми страда од голем несакан кардиозен настан што инаку не би го доживеал во рок од една година.
Истражувачите сè уште се обидуваат да ги откријат причините за оштетување на срцето кај пациентите со Ковид. Можните механизми вклучуваат долготрајно оштетување од директна вирусна инвазија на срцеви мускулни клетки и клетки што ги обложуваат крвните садови, згрутчување на крвта и аберантно и постојано воспаление, велат авторите.
Mарија Миткоска