Никола Наумоски шеф на кабинет на поранешниот градоначалник Шилегов, бара извинување од актуелната градоначалничка на град Скопје Данела Арсовска, а доколку не се извини најави и тужба за клевета.
Наумоски во објава на Фејсбук, ги демантира како невистини наводите на Арсовска изнесени во некои медиуми дека тој трошел службени пари во кафани и бројните злоупотреби кои се направени додека бил шеф на кабинетот на Шилегов.
„Би сакал изричито да демантирам дека сум трошел пари за кафани, дека има било какви злоупотреби или дека сум (бил) на боледување. Во изминатите 4 години ни денар не сум потрошил на сопствено частење, другари, соработници или колеги. Дури ни кафе не сум се напил, не сум имал право на трошоци на репрезентација, ниту лично, ниту секторот со кој што раководев.
Арсовска не ми го потпишува решението за отказ, иако првично бараше емаилот за отказ да и го дадам на хартија. Сега ме клевети дека сум бил на боледување. Наместо да го цени тоа што џентлменски ослободувам висока раководна позиција во администрацијата, каде може да постави свој близок соработник, што не останувам во администрацијата за да добивам плата од буџетот (како мојата претходничка), таа си обезбеди тужба за клевета.
Ама прво морам да побарам извинување.“, објави на Фејсбук, Никола Наумоски.
Ј. Ѓ.