Благодарам на членовите на Централниот одбор и на претседателот Димитар Ковачевски за укажаната доверба да бидам потпретседател на СДСМ, објави на Фејсбук новоизбраниот потпретседател на СДСМ Стефан Богоев.
Го познавам членството и партијата долги години и Ве убедувам сите дека ќе бидам тука за секој еден член да сослушам, помогнам, но и да предводам во нови успеси и победи за СДСМ, вели Богоев.
На вчерашната седница на Централниот одбор на СДСМ, претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски доби довербата да биде мандатар на новата влада.
Од поранешниот состав, на потпретседателска функција во СДСМ останува вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи. Новите потпретседатели на СДСМ се Стефан Богоев, поранешен градоначалник на Општина Карпош, Перо Костадиновски, градоначалник на Валандово и пратеничката Бисера Костадиновска-Стојчевска. Заменик претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, исто така го продолжува мандатот кој и го има со изборот на Конгрес.
Миле Зечевиќ е избран за генерален секретар, на местото на Љупчо Николовски, Бојан Маричиќ е избран за секретар за меѓународна соработка, додека Вангел Андрески, поранешен директор на ЈП „Паркинзи Општина Центар“ е на функција на организациски секретар.
Во Извршниот одбор на СДСМ членуваат Ана Данева-Маркова, Мишко Ралев, Нина Фити-Неделковска, Снежана Захариева, Даниела Колева, Милена Стефановиќ, Костадин Костадинов, Рената Јајовска, Мелиса Ценовска, Петре Шилегов, Дритан Исмаили, Тања Томиќ, Дарко Каевски, Андреј Петров, Ивона Кузмановиќ, Костадин Ацевски, Никола Рилак.
Ј. Ѓ.