Министерството за здравство ја информира јавноста дека досега со секвенционирање на вирусот SarsCoV2 детектиран е сојот омикрон само кај еден пациент кој во државата пред извесно време се вратил од Велика Британија. Утврдување на присуство на сој на вирусот SarsCov2 се врши единствено и исклучиво со секвенционирање, ПЦР тестирањето, односно детектирање на S-gene dropout може да биде само индикација но не и потврда дека пациент е заразен со сојот омикрон на Ковид 19.
„Досега на ПЦР тестови кај тројца пациенти позитивни на Ковид 19, детектиран е S-gene dropout, но нема извршено секвенционирање, односно нема потврда дека се заразени со омикрон. Тестирањата им се направени во приватна болница, а станува збор за пациенти од Прилеп, Велес и Струга. На пациентите им е направена епидемиолошка анкета и согласно протоколите ставени се во изолација лица со кои биле во контакт. Министерството за здравство апелира од воздржување и давање паушални изјави и непроверени информации кои ги доведуваат граѓаните во заблуда и шират паника меѓу населението“, се наведува во соопштението од Министерството за здравство.
Претхопдно од МИА известија дека е потврден првиот случај со омикрон, новиот сој на Ковид – 19 во Струга. МИА, како што наведоа информацијата ја добиле од епидемиологот од Центарот за јавно здравје Јованка Струлакова – Коровешоска.
Ј. Ѓ.