Повеќе од 80 организации за проверка на факти од светот го повикаа Јутјуб подобро да се бори против дезинформациите коишто се шират преку видео содржините прикачени на оваа онлајн платформа. Глобалната коалиција на организации за проверка на факти посочува дека Јутјуб е главниот канал на онлајн дезинформации во светот, при што компанијата не прави доволно за да се справи со ширењето невистини преку видеата што се прикачуваат, пренесува Гардијан.
Меѓу 80-те организации коишто го потпишаа писмото до Јутјуб се и Вашингтон Пост, Политифакт од САД и Фул Факт од Обединетото Кралство. Во писмото тие наведуваат дека онлајн видео платформата им овозможува на групи коишто шират дезинформации, како што е „Доктори за вистината“, да објавуваат видеа коишто поддржуваат лажни наративи за ковид-19 или на други групи кои објавувале видеа за време на претседателските избори во САД.
„Актуелните мерки се недоволни“, посочуваат факт-чекерите, односно проверувачите на факти, од целиот свет за досегашните активности коишто ги презема Јутјуб во борбата против дезинформациите.
Организациите за проверка на факти бараат од Јутјуб, којшто е во сопственост на Гугл, да спроведе четири промени во своето работење: обврска за финансирање на независно истражување на дезинформациските кампањи на платформата; обезбедување линкови за побивање на дезинформациите во самите видеа коишто нив ги дистрибуираат; спречување на алгоритмите да ги промовираат престапниците коишто ги повторуваат ваквите дела и Јутјуб да направи повеќе за справување со невистините пласирани во видеата што не се објавени на англиски јазик.
Писмото до Јутјуб е потпишано од организации за проверка на факти лоцирани во повеќе од 40 земји, првенствено лоцирани во земјите од Јужна Америка, Азија и Африка. Тие велат дека земјите од глобалниот Југ се првенствено погодени од неуспехот на Јутјуб да се справи со дезинформациите во објавените видеа на нивната платформа.
извор: МЕТА