Долготрајната изложеност на загаден воздух кај населението од земјите на Западен Балкан може да предизвика намалување на плодноста на жените за повеќе од 10 отсто, шансите за зачнување се намалуваат во деновите со високо загадување, а се зголемува можноста за спонтан абортус.
Оваа негативна последица од аерозагадувањето ја констатира Европскиот фонд за Балканот, кој со партнерите во регионот ја спроведува кампањата „Обединет Балкан за чист воздух“.
„Овој месец, втората фаза од кампањата се фокусира на информирање на граѓаните за падот на плодноста и се повисоките стапки на стерилитет кај жените и мажите низ Западен Балкан, предизвикани од загадениот воздух. Земјите во регионот бележат постојан пад на населението“, се наведува во соопштението на „Обединет Балкан за чист воздух“.
Научните истражувања потврдиле дека зачестеноста на спонтани абортуси и мртвородени деца е значително поголема во период на изложеност на загаден воздух. Воедно, студиите покажуваат дека жените кои живеат во загадени области имаат помалку витални јајце клетки, пониски стапки на плодност и повисоки стапки на неуспех на имплантација на ембрион за време на ин-витро оплодување во споредба со оние кои не се изложени на загадување на воздухот, велат од организаторите на кампањата.
„ПМ 2.5 ја намалува плодноста кај жените, а загадените градови низ регионот во просек испуштаат двојно повеќе од дозволените годишни вредности, што може да ја намали плодноста и до 10 отсто“, појаснуваат од „Обединет Балкан за чист воздух“.
Кај мажите пак, загадувањето од фините честички стигнува до тестисите, предизвикувајќи намалување на производството на сперма, помала подвижност на спермата и почести спонтани абортуси поради програмираната клеточна смрт.
„Сулфатните соединенија кои се формираат во процесот на согорување на јаглен го зголемуваат ризикот од спонтан абортус до 13 отсто. Неплодноста е предизвикана и од пластичното загадување. Полистирен, вид пластика која во својата микро и нано состојба може да се најде во храната, водата и воздухот, влијае на раниот развој на ембрионот и може да предизвика абнормален развој и предвремено породување“, се наведува во соопштението.
Загадувањето на воздухот со фини честички, тешки метали, микро и нано пластика и други супстанции доведува до зголемена стапка на спонтани абортуси дури и во случаи на ин-витро оплодување, бидејќи ги намалува стапките на успех во лабораториите каде што се спроведува овој процес.
Извор: МЕТА