Северна Македонија се соочува со енергетска криза а граѓаните веќе добиваат повисоки сметки. Со владина одлука, лани на 9-ти ноември беше прогласена енергетска кризна состојба во земјава, а државата најави финансиска инјекција во државните енергетски компании во висина од 65 милиони евра.
„Во тоа колку буџетски средства ќе бидат трансферирани за нашите енергетски компании веќе е донесена одлуката и ќе биде негде околу четири милијарди денари се со цел да имаат и дополнителни средства за да бидеме целосно подготвени за зимскиот период и да имаме стабилно и континуирано снабдување со електрична енергија.“ – изјави Крешник Бектеши, министер за економија.
„Со последната одлука на Регулаторната комисија за енергетика која се однесува на 2022 година, поради енергетската криза, а со цел заштита на домаќинствата од ценовен шок , дневната евтина тарифа од 14 до 16 часот од понеделник до сабота е повторно укината за да се амортизираат трошоците за увоз на електрична енергија кои што се прават во тој период поради зголемената побарувачка, велат од Регулаторната комисија за енергетика за Фронтлајн.
Цената на електричната енергија за домаќинствата од 1 јануари е зголемана 9,48 проценти, а укината е дневната евтина тарифа која од крајот на 2018 година се применуваше од 14 до 16 часот од понеделник до сабота. Евтината тарифа од 22 до 7 часот останува, а исто така во недела, цел ден има евтина тарифа.
Евтина тарифа
Од 2007 година па се од измената на тарифата во 2012 година (одлука за измена од 25 јули 2012 година) евтината тарифа важела во периодот од 13 до 16 часот и од 22 до 7 часот од понеделник до сабота и цел ден во недела.
Во 2012 година беше укината дневната евтина тарифа и се применуваше од 22 до 7 часот од понеделник до сабота и цел ден во недела, се до октомври 2018 година, кога се враќа евтината тарифа, овој пат од 14 до 16 часот, или два часа од понеделник до сабота.
Во 2021 година Данокот на доданена вредност (ДДВ) за електрична енергија е намален од 18 на 5 %.
На барање на Фронтлајн, Регулаторната комисија за енергетика обезбеди табеларен приказ на тарифи во ден/kWh потрошена електрична енергија, без вкалкулиран ДДВ, со цел јавноста да добие појасна слика за движењето на цената на струјата од 2007 до 2022, или за изминатите 15 години.
Од 1 јануари 2012 година струјата поскапела за 7,95 отсто. Процентуално, струјата најмногу поскапела во 2014 година, или 40 проценти, но тогаш, во висока тарифа киловатчас струја чинел 4,48 денари кај еднотарифно броило, 5,59 % кај двотарифно, а 2,80 денари за киловатчас електрична енергија во ниска тарифа (евтина струја).
Од 1 Јули 2014 година, согласно одлуката на Регулаторна комисија, надоместокот за моќност повеќе не се прикажува во проценти (пресметковно) туку во киловатчасови, т.е. идентично како и потрошената електрична енергија.
Од кривата на движење на висока и ниска тарифа за домаќинствата на РКЕ, може да се забележи дека цената на евтина и скапа тарифа од 2014 до 2019 година е речиси идентична.
Во 2016 година исто така може да се забележи мало намалување на цената на електрична енергија, додека пак во 2017, 2018 и 2019 нема промени во цената.
Во наредните три години, 2020, 2021, 2022, цената на струјата расте, при што најголемиот раст од 12,37 % е забележан во 2021 година.
Финансиската поддршка за најранливите
По завршувањето на јавниот повик за мерката за финансиска поддршка за покривање на дел од сметките за електрична енергија за домаќинствата со ниски примања, во Министерството за економија се пристигнати 6.500 барања. Согласно предвидените буџетски средства за оваа намена кои изнесуваат 60.000.000 денари, со финансиска поддршка може да се стекнат околу 7.000 домаќинства.
„Финансиска подршка ќе добијат најранливите категории преку примена на принципот најниски примања во домаќинство во 2021 година, во соодветната категорија. Во случај кога повеќе баратели имаат идентичен износ на месечни примања во домаќинството, истите ќе бидат подредени според архивскиот број, растечки. Средствата за финансиската поддршка за месеците јануари, февруари и март 2020 година ќе бидат засметани во сметките за потрошена електрична енергија кои се доставуваат до потрошувачите во март 2022 година, при што доколку износот на потрошена електрична енергија е помал од вкупната субвенција за овие три месеци, корисниците ќе бидат во претплата“, изјави министерот Крешник Бектеши (10 февруари).
Според јавниот повик, корисниците на финансиска поддршка во текот на оваа година треба преостанатиот дел од износот на сметката за претходниот месец да го плаќаат во рокот за плаќање наведен на сметката. Ако корисникот на финансиска поддршка не го плати преостанатиот намален износ на две последователни сметки, Министерството за економија ќе донесе решение со кое се укинува решението за стекнување на финансиска поддршка.
Кој може да добие помош за плаќање на сметките?
– самец со примања до 15.194 денари;ж
– домаќинство со два члена со примања до 18.000 денари;
– домаќинство со три члена со примања до 21.000 денари;
– домаќинство со четири члена со примања до 25.000 денари;
– домаќинство со пет члена и повеќе со примања до 30.000 денари
Најранливите категории со ниски примања до 30.000 денари кои не се приматели на гарантирана помош, согласно закон ќе добијат парична помош, односно намалување на месечната сметка за потрошена електрична енергија во износ од 600 денари или 800 денари месечно, во зависност од големината на домаќинството.
Ивана Т. Зафировска