Во ова интервју, Амбасадорката на Украина во Северна Македонија, Наталија Задорожњук, говори за извонредно богатата соработка на нејзината земја со Северна Македонија на економски, културен, здравствен, научен и воен план. Украина и Северна Македонија имаат заеднички стратешки определби и интереси. Повеќе од 20 пати поголемата Украина несебично ја пружа својата поддршка на нашата земја во сите значајни области, без исклучок. Во своите изјави, Амбасадорката Задорожњук ја изрази и благодарноста кон Северна Македонија за јасната и цврста поддршка на Украина.
„Имајќи ја предвид моменталната ситуација за време на која се погоди да го направиме ова интервју, би сакала да ја искористам можноста да ѝ се заблагодарам на Северна Македонија и на нејзиниот прекрасен народ за нејзината јасна и цврста поддршка на Украина. Пријателот се познава во тешките моменти“ – изјави Амбасадорката Задорожњук.
Кој е обемот на економската соработка и трговската размена меѓу Украина и Северна Македонија? Дали и во кои области има интерес и потенцијал за развивање на економската соработка, трговската размена и инвестициите меѓу Украина и Северна Македонија?
ЗАДОРОЖЊУК: Би сакала да започнам со тоа, дека генерално, имаме многу интензивен дијалог во сите области на билатералната соработка – во политичката, економската и културната сфера. Минатата година и Претседателот Стево Пендаровски и Министерот за надворешни работи Бујар Османи ја посетија Украина со цел да учествуваат на инаугуративниот самит на Кримската платформа и на свеченостите по повод 30-тата годишнина од обновувањето на независноста на Украина. Активно се развива меѓупарламентарната соработка – во јуни минатата година успешно помина посетата на парламентарната група за соработка меѓу Врховната Рада на Украина и Северна Македонија. Имаме конструктивна соработка во рамки на меѓународните организации.
Но, во право сте што почнавте со прашања за економската соработка. До денес, нашата Амбасада го идентификуваше економскиот правец како еден од своите приоритети. Така, во последните години значително ја интензивиравме билатералната трговско-економска соработка, особено стабилно е зголемувањето на билатералната трговска размена. Втора година по ред, Северна Македонија е на третото место меѓу осумте земји во балканскиот регион (по Бугарија и Србија, претекнувајќи ја Хрватска) во однос на меѓусебната трговија со Украина. Во 2021 година, обемот на нашата трговија ќе биде највисок во последните 10 години (околу 150 милиони долари). За споредба – уште во 2018 година изнесуваше 35 милиони.
За тоа можеме да му се заблагодариме и на деблокирањето (по 12-годишна пауза!) на дејноста на Меѓувладината украинско-македонска Комисија за трговско-економска соработка, чиј трет состанок се одржа во јуни 2021 година во Киjив под претседателство на Првиот вицепремиер на Украина – Министерот за економија на Украина Олексиј Љубченко и Министерот за економија на Република Северна Македонија Крешник Бектеши. Во моментов активно се работи на спроведување на соодветните договори.
Исто така, ја активизиравме и соработката меѓу водечките стопански комори од двете земји. На почетокот на 2021 година беше назначен Претставник на Стопанската комора на Украина во Северна Македонија, а во април се одржа првиот онлајн настан помеѓу Стопанската комора на Украина и водечката Стопанска комора на Северна Македонија и беа потпишани три Меморандуми за соработка.
Активно работиме на проширување на договорно-правната рамка на билатералните односи: потпишани се меѓувладиниот Договор за меѓусебно патување на граѓани на трајна основа (безвизов режим), Договорот помеѓу Министерството за млади и спорт на Украина и Агенцијата за млади и спорт на Република Северна Македонија за соработка во областите на младите, физичката култура и спортот, кои даваат значителен поттик за слобода на патување на граѓаните и развој на меѓучовечката соработка.
Покрај тоа, минатата година беше потпишан Договор меѓу Државната служба на Украина за безбедност на прехранбени производи и заштита на потрошувачите на Украина и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Северна Македонија за соработка во областа на карантин и заштита на растенијата (работата на Договорот траеше повеќе од 10 години), кој предвидува усогласување на барањата за карантин и заштита на растенијата за стоки што се извезуваат од Украина во РСМ, и значително ќе помогне да се зголеми опсегот и да се диверзифицира извозот на украински стоки. И ние (заедно со македонските потрошувачи) веќе ги гледаме резултатите од оваа работа: во последно време на полиците на супермаркетите низ Северна Македонија се појавуваат сè повеќе висококвалитетни украински производи, пред се, кондиторски производи.
И што е најважно, по неколкугодишни преговори, успешно го завршивме сложениот преговарачки процес за либерализација на актуелниот Договор за слободна трговија меѓу Украина и Република Македонија. Овие измени ќе бидат потпишани во блиска иднина, а по нивната ратификација очекуваме значително зголемување на нашата билатерална трговска размена, пред се кај земјоделските производи.
Ние, исто така, сметаме дека меѓурегионалните врски можат да донесат значителни придобивки за развојот на економската, туристичката и културната соработка, особено меѓу збратимените градови на Украина и Северна Македонија, кои во моментов се повеќе од 10.
Во моментов исто така гледаме големи перспективи и во развојот на туристичкиот аспект на нашата билатерална соработка. Гледаме дека Украинците веќе активно ја откриваат вашата прекрасна земја. Минатата година речиси 10.000 украински туристи ја посетија Северна Македонија, што е рекордна бројка за многу долго време. Ова беше олеснето како со либералниот режим на влез во РСМ за време на ограничувањата поради коронавирусот, така и со низата настани на Амбасадата за воспоставување и интензивирање на соработката во областа на туризмот.
Само во последната година и половина во Северна Македонија се одржа посета на украински тур-оператори со цел да подготват понуди за украинските туристи, се одржа Првиот украинско-македонски форум, посветен на презентацијата на можностите на двете земји како туристички дестинации, меѓу Националната туристичка организација на Украина и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Северна Македонија.
Интензивно се развиваат Б2Б контактите меѓу претставниците на туристичката индустрија на двете земји. Постигнат е договор за одржување на размена на комплексни туристички мисии на двете земји со вклучување на медиуми и блогери во блиска иднина, пред се со цел запознавање со релевантните капацитети на РСМ и Украина, вклучително и Лавовската област, како и размена на искуства во промовирање и создавање мрежи на приватниот туристички сектор.
Сметам дека граѓаните на нашите две прекрасни земји имаат извонредна шанса за уште повеќе да го искористат својот географски, природен и рекреативен потенцијал. Билатералниот Договор за безвизен режим е на сила веќе трета година по ред, така што постојат сите можности туристите да ги откриваат за себе Северна Македонија и Украина. А за да го прошириме украинското присуство на Украина во Северна Македонија, во моментов активно работиме на отворање на Почесен конзулат на Украина во еден од регионите на Северна Македонија.
Украина и Северна Македонија имаат долгогодишна соработка и размена на културен, уметнички, образовен и научен план. Дали можете да издвоите неколку примери за оваа соработка и размена кои би можеле да послужат како патоказ за идна соработка?
ЗАДОРОЖЊУК: Имаме многу добра соработка во културната сфера. Конкретно, само во последната година, и покрај ограничувањата поради Ковид-19, успеавме да реализираме низа интересни заеднички проекти. Меѓу нив, пред сè, филмскиот фестивал на познатиот украински режисер Олександр Довженко во „Кинотеката на Северна Македонија“, учеството на украинските современи филмски режисери на Меѓународниот филмски фестивал „МакеДокс“ во античкиот Куршумли-ан, одржаните изложби на делата на Украински уметници кои живеат во Северна Македонија, како и лансирањето на првиот аудио водич на украински јазик во Музејот на македонската ослободителна борба во Скопје.
Активно се развива преведувачката дејност, поточно, само во 2021 година на македонски е преведена и објавена книгата „1000 интересни факти за Украина“, како и делата на современите млади украински писатели – романите „Твојот поглед, Чо-Чо сан“ од Андриј Љубка, „Зимскиот крал“ од Остап Сливински, „Моцарт 2.0“ од Дорж Бату и „Феликс Австрија“ Софија Андрухович. Воедно, сакам да ја искористам оваа прилика искрено да им се заблагодарам на искрените пријатели на Украина, познатите преведувачи и писатели Вера Чорниј-Мешкова и Игор Станојоски за нивната напорна работа и активната соработка со нашата Амбасада.
Имаме намера да одржиме уште повеќе вакви интересни настани, вклучувајќи филмски фестивали, изложби, презентации на украинската кујна, заеднички научни конференции и слично. Сигурна сум дека ќе бидат интересни и ќе ја претстават богатата украинска култура.
Во 2022 година, доколку дозволи состојбата со Ковид планираме фестивал на украински документарни и играни филмови, меѓу кои планираме да се прикажат неколку филмови за настаните на воената зона во Донбас, креативни вечери (презентации на книги и преводи на нашите познати современи писатели), Денови на украинската култура и изложби на украински уметници, како и турнеја на Кијивскиот академски регионален музичко-драмски театар „П.К.Саксагански“ и Уметничкото здружение „Таленти на 21 век“ и многу повеќе.
Овие и многу други настани што ги организира Амбасадата заедно со македонската страна ни овозможуваат смело да тврдиме дека Украина станува се поприсутна во Северна Македонија.
Кои можности ги нудат двете земји за младите кои сакаат да се усовршуваат на образовен, професионален и научен план?
ЗАДОРОЖЊУК: Во 2021 година значително ја интензивиравме образовно-научната сфера на соработка меѓу Украина и Северна Македонија. Така, на крајот на минатото лето се одржа првата верска експедиција на украински научници со цел проучување на актуелната верска состојба во Северна Македонија. Како резултат на тоа, се договоривме со македонските научници и владини претставници за спроведување на различни иницијативи, вклучително и организирање на заеднички конференции и размена на научни достигнувања. Очекуваме дека оваа област на соработка ќе се развива многу активно и тоа во блиска иднина.
Значајна стана и посетата на претставници од образовната сфера на Украина. Воспоставена е соработка помеѓу Факултетот за меѓународни односи при Националниот авијацонен универзитет на Украина (НАУ) со водечките универзитети од Северна Македонија – American University of Europe (FON) и MIT University. Веќе оваа година очекуваме посета на голема делегација на претставници од различни факултети на НАУ, по која, мислам дека ќе може да сметаме на зголемен интерес кај Македонците за можностите на украинското образование.
За таа цел, почнавме да работиме на ажурирање на билатералниот Договор за соработка во образовната сфера, кој што ќе ни овозможи да ја прилагодиме нашата соработка во оваа област на новите реалности. Се надеваме дека ова ќе биде една од главните теми на средбите за време на планираната посета на заедничката делегација на Министерството за образование и наука и Министерството за млади и спорт на Украина во Северна Македонија.
Имаме големи надежи и за успешната понатамошна настава по предметот „Украински јазик и книжевност“ на Универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје, која беше обновена благодарение на напорите на г-ѓа Вера Чорниј-Мешкова, за што сме ѝ исто така искрено благодарни. Убедени сме дека поради ова само ќе расте интересот за украинскиот јазик и литература, а со тоа и можностите македонското општество да се запознае со длабоката и древна украинска култура.
Очекуваме исто така одржување на научни конференции (во соработка со македонската страна подготвуваме две конференции: историска и туристичка) и многу други работи.
Кои се најважните достигнувања во областа на соработката во областа на здравството и истражувањата во медицината?
ЗАДОРОЖЊУК: Успешната реализација на процесот на меѓусебно признавање на т.н. ковид-сертификати меѓу Украина и Северна Македонија, а поточно дигитални патни сертификати кои прикажуваат медицински и неопходни лични податоци и QR код во согласност со спецификациите на EU Digital COVID Certificate со право може да го сметаме како наше исклучително важно достигнување во оваа област. Токму тоа е примерот кога нашите заеднички напори донесоа исклучително големи придобивки за граѓаните на нашите две земји во тешките времиња на пандемијата.
Во декември 2021 година, официјална деловна делегација од Лавовската област ја посети Северна Македонија со трговска мисија. Една од најперспективните насоки на заемно корисна соработка која се дискутираше за време на посетата беше за можностите на туристичкиот сектор во Лавовската област во рекреативен и медицински туризам (особено во контекст на пост-ковидното закрепнување). Затоа, во блиска иднина може да очекуваме развој на соработката во оваа насока. Исто така, значителен интерес за заемно корисна соработка во медицинскиот туризам беше изразен и при неодамнешната посета на Северна Македонија од страна на депутатите на Врховната Рада на Украина – претставници на „групата за пријателство“ со РСМ, бидејќи во нејзин состав беа и депутати од такви области како медицината, туризмот и одморалиштата.
Исто така, мора да вложиме максимални напори за склучување на билатерален договор меѓу Украина и Република Северна Македонија во областа на социјално осигурување, со кој на законодавно ниво ќе се регулираат прашањата за социјална заштита на граѓаните на двете земји. Сметам дека ова ќе биде уште еден прекрасен подарок за нашите граѓани.
Како се одвива воената и воено-техничката соработка меѓу Украина и Северна Македонија? Кои се достигнувањата, а кои се перспективите на оваа соработка?
ЗАДОРОЖЊУК: Билатералната воено-техничка соработка меѓу Украина и РСМ се реализира во согласност со меѓувладиниот Договор, кој е во сила веќе 20 години. За тоа време, беа реализирани неколку проекти во областа на поправка и сервисирање на авиони и хеликоптери во Украина кои ги користи Армијата на РСМ. Во исто време, имајќи ги предвид заедничките евроатлантски аспирации и цели (Северна Македонија е веќе членка на НАТО, а Украина се надева дека ќе стане членка на Алијансата), сметаме дека нашата понатамошна соработка во оваа област има добри изгледи.
Во кои области и на кои теми може да се развива понатаму соработката меѓу македонските и украинските организации на граѓанското општество и медиумите?
ЗАДОРОЖЊУК: Пандемијата Ковид-19 безусловно не помага во развојот на заемно корисни односи меѓу невладините организации. Меѓутоа, и тука имаме добри примери. Како што веројатно знаете, во август минатата година во Киев се одржа првиот Самит на Кримската платформа, кој стана нов меѓународен формат за консултации и координација насочен кон постигнување на нашата главна цел – деокупација на Крим и негово враќање во Украина.
Платформата има повеќе димензии, вклучително и невладина, на ниво на граѓанско општество и експертска заедница. Воспоставената Експертска мрежа на Кримската платформа обединува украински и странски експерти, научници, активисти за човекови права кои ќе обезбедуваат информативно-аналитичка и комуникациска поддршка за активностите на Платформата. И веќе две невладини организации од Северна Македонија се приклучија во нејзините активности. Се надеваме дека и други македонски експертско-аналитички и медиумски организации ќе можат да се вклучат во соработката со експертската мрежа на Кримската платформа. Користејќи ја оваа прилика, би сакала да ги поканам на соработка сите заинтересирани и нерамнодушни кон судбината на украинскиот Крим. А Амбасадата со задоволство ќе делува во овој случај како еден вид „мост“.
Имајќи ја предвид моменталната ситуација за време на која се погоди да го направиме ова интервју, би сакала да ја искористам можноста да ѝ се заблагодарам на Северна Македонија и на нејзиниот прекрасен народ за нејзината јасна и цврста поддршка на Украина. Пријателот се познава во тешките моменти.
Џабир Дерала