Илир Адеми, таткото на 11-годишна Ембла од Гостивар, во гостување на ТВ21 изјави дека неговата ќерка е видливо посреќна откако се врати во училишните клупи, пренесува Слободен печат.
Ембла, која е девојче со Даунов синдром, предизвика големо внимание во јавноста, откако беше објавено дека родителите на нејзините соученици не ги пуштаат своите деца на училиште затоа што таа учи со нив.
Адеми вели дека и покрај тоа што Ембла не може тоа да го искаже, таа е видливо среќна од враќањето меѓу врсниците.
„Таа е посреќна. Чувствува дека се врати меѓу врсниците, иако не може да ја изрази радоста, ние како родители знаеме дека таа е среќна, затоа што е голема разликата од времето кога беше осамена. Ние како родители исто така сме среќни што оваа работа се заврши“, рече Илир Адеми.





