Нормално е вирусите со текот на времето да се менуваат и еволуираат додека се шират меѓу луѓето. Секојпат кога вирусот се реплицира (прави копии од себе), постои потенцијал да има промени во неговата структура – „мутации“. Единствениот начин да се идентификуваат и карактеризираат новите варијанти е со геномика. Секвенционирањето на целиот геном е важен метод за генетско карактеризирање на вирусите со кој може да се направи споредба со други циркулирачки соеви. Коронавирусот се пренесува преку вдишување на респираторни капки од некој што е заболен, кои се исфрлаат преку кашлање, кивање, зборување и пеење, кога лицата се во близок контакт помал од еден метар. Така што, невозможно е инфекцијата да се случи со пуштање на вирусот од авион и од огромна височина, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Фејсбук објава без никакви докази и факти фрла сомнеж во научната и медицинската заедница и начините кои овозможуваат да се откриваат новите соеви на коронавирусот, а истовремено тврди дека „некој нè прска со вирусот“. Покрај тоа што во објавата се шират неколку дезинформации за коронавирусот, употребен е и речник кој е несоодветен, навредлив и непримерен за комуникација.
Со какви методи ги откривате вирусните соеви бе слепци? Вие со голо око не гледате кој не прска, вирусен сој сте откриле. Абдали гнасни.
Нормално е вирусите со текот на времето да се менуваат и еволуираат додека се шират меѓу луѓето. Секојпат кога вирусот се реплицира (прави копии од себе), постои потенцијал да има промени во неговата структура. Според Светската здравствена организација, секоја од овие промени е „мутација“. Кога овие промени значително се разликуваат од оригиналниот вирус, тие се познати како „варијанти“. За да ги идентификуваат варијантите, научниците го мапираат генетскиот материјал на вирусите (познат како секвенционирање) и потоа бараат разлики меѓу нив за да видат дали тие се промениле.
Некои мутации може да доведат до промени во важните карактеристики на вирусот, вклучувајќи ги и карактеристиките кои влијаат на неговата способност да се шири и/или неговата способност да предизвика посериозни болести и смрт.
Како, всушност, се откриваат новите варијанти односно соеви?
Единствениот начин да се идентификуваат и карактеризираат новите варијанти е со геномика.
Историски гледано, секвенционирањето се вршело во центри за секвенционирање, кои имале истражувачки лаборатории со неопходна скапа опрема и техничка поддршка. Меѓутоа, како што технологијата на секвенционирање продолжила да се подобрува, новата генерација на ефективно секвенционирање се прави и во просечна академска лабораторија.
Секвенционирањето на целиот геном е важен метод за генетско карактеризирање на вирусите со кој може да се направи споредба со други циркулирачки соеви и користи за да се потврди инфекцијата со специфична варијанта на вирусот и нејзините карактеристики.
Европскиот центар за превенција и контрола на болести информира дека секвенционирањето на целиот геном може ефикасно да се користи за откривање на варијанти на вирусот кои можат да бидат загрижувачки, бидејќи претставува непристрасен пристап без потреба од претходно знаење за присуството на одредени мутации во вирусниот геном. Тоа е метод којшто бара ресурси и може да потрае неколку дена за генерирање резултати, во зависност од протоколот.
Секвенционирањето на (делумни) гени и цели геноми е докажан моќен метод за истражување на геномите на вирусните патогени, за разбирање на динамиката на пренос на епидемијата и за проверка на мутации кои потенцијално имаат влијание врз преносливоста, патогеноста, дијагностиката, антивирусните лекови и вакцини. Резултатите се клучни за носење на информирани одлуки во јавното здравство за контрола на епидемијата, се вели во документ издаден од Центарот.
Коронавирусот не се фрла од авиони
Тимот на „Вистиномер“ неколкупати досега пишуваше, дека вирусот не се шири така што некој нè прска со него од небо, како што исто така се тврди во објавата која ја рецензираме. Ова е целосна дезинформација односно теорија на заговор позната како „кемтрејлс“, која е стара повеќе од две децении го преставува верувањето дека патеката односно белата трага што ја создаваат авионите во воздухот се „хемиски патеки“, составени од хемиски или биолошки агенси за „злобни цели“. Во екот на пандемијата со коронавирусот, оваа теорија е масовно злоупотребена за да се инсинуира дека од авиони го фрлаат вирусот или дека авионите не трујат со хемиски супстанци кои ги предизвикуваат симптомите на ковид-19.
Коронавирусот се пренесува преку вдишување на респираторни капки од некој што е заболен, кои се исфрлаат преку кашлање, кивање, зборување и пеење. За да се инфицира лицето, вирусот мора да навлезе во устата, носот или очите што се случува кога лицата се во близок контакт помал од еден метар со инфицирано лице. Така што, невозможно е инфекцијата да се случи со пуштање на вирусот од авион и од огромна височина.
Фрлањето сомнеж во науката, кое притоа е неосновано и без никакви докази, како и ширењето на дезинформации предизвикува недоверба кај јавноста и со тоа се предизвикува штета во борбата со пандемијата и заштита на јавното здравје.
Извор: МЕТА