САШО ОРДАНОСКИ
Деновиве мора да е тешко да се биде руски дипломат во поголемиот дел од светот. Не само затоа што и тоа се луѓе кои имаат совест, веројатно распната помеѓу, од една страна, агресивната официјална политика на Кремљ и сопствениот патриотизам; и, од друга страна, реалните информации за случувањата во Украина до кои тие – за разлика од нивните сограѓани во Русија, „поклопени“ од интензивните манипулации на суровата државна пропаганда на Путин – ги имаат на слободно располагање во земјите во кои се на служба… Туку и поради комплетната затеченост од развојот на состојбите во кои и самите се најдоа.
Којзнае што пишува(ло) во нивните тајни службени инструкции од Министерството за надворешни работи на Русија за тоа што треба сега да прават во државите каде што службуваат. Општ е впечатокот дека и нивниот долгогодишен шеф – своевремено сметан за брилијантен дипломат, а денеска за патетична сенка на тоа – Сергеј Лавров е оставен да импровизира со „играње на жица“ на меѓународната дипломатска ветрометина, во ситуација во која Русија е демаскирана и дискредитирана како јасен брутален агресор врз една голема, суверена европска држава. Самиот Лавров, во најдобар случај, според бројните упатени сомнежи, е оставен „замрзнат“ на ободот во надворешниот „круг со креда“ од оние кои се прашуваат или нешто решаваат во доверливото окружување на претседателот Путин. Сега во Москва само КГБ – всушност, дури ни тие, туку самиот кагебеовец Путин – го диктира темпото, а и тоа звучи раштимано и воено-политички неубедливо.
ЈАВНИ ДИСКРЕДИТАЦИИ
Кога во 2014 година Русија изврши насилна воена анексија врз Крим – како вовед во сегашниот обид за целосна окупација и, најверојатно, поделба на Украина – и сега покојниот долгогодишен (2006-2017) руски амбасадор во ОН, Виталиј Чуркин (добро познат на балканската јавност од случувањата во воениот распад на некогашна Југославија), бил потполно изненаден. „Во редок момент на искреност, непосредно по информацијата дека тие го анектираа Крим, Чуркин ми кажа дека тој ‘никогаш не би помислил дека би направиле нешто такво’“, неодамна во едно интервју посведочи тогашниот француски амбасадор во ОН, Жерар Арод.
Па, ако и постојаниот руски претставник во главната светска мултилатерална организација, Чуркин, морал од Си-Ен-Ен да дознае за тогашната масивна воена интервенција на сопствената врз друга земја, на што ли може денеска да се надева некој руски дипломат во мала земја во светот – на пример, во Македонија? Особено по стопати повторените лаги на Кремљ, во месеците на масовните „воени вежби“ на границите со Украина, дека Русија апсолутно нема намера да прави инвазија врз својот западен „непослушен“ сосед и дека е тоа само „антируска западна пропаганда“ за да се нанесе штета врз рускиот углед во светот. Па, инвазијата ја направи. Самонанесената штета врз рускиот углед е со догледно терминален ефект.
Впрочем, само еден ден пред руското признавање на отцепените украински републики Донецк и Луганск (а, познато е што следуваше потоа), Анатоли Антонов, рускиот амбасадор во САД, јавно тврдеше дека руска „инвазија нема да има“ и дека „такви планови не постојат“. Многу е грдо кога кој било висок дипломат така јавно ќе се дискредитира со така очигледни лаги. Па макар и кога самиот нема поим – а, би морал да има – за тоа што се намерите, од ваква завојувачка магнитуда, на неговата земја.
Затоа и можеме само да претпоставиме како се чувствуваат украинските преговарачи на неколкуте тековни средби со руската страна, предводена од добро познатиот руски националист, некогашниот министер за култура Владимир Медински и руските заменици министри за надворешни работи и одбрана. Не е тешко да се заклучи дека овие „илузионисти“ се таму само дипломатски „да купат време“, без и самите да имаат поим кој ќе биде следниот потег на Путин со апсурдниот план за „денацификација“ на Украина?!
КАКО ИЗГЛЕДА ТОА ВО СКОПЈЕ?
Со рускиот амбасадор во РСМ, Сергеј Бездникин, се запознав неодамна, на еден јавен дипломатски настан организиран од една негова западна колешка. Ми пријде одзади, ме допре за рамото и со широка насмевка и подготвена визит-карта во раката, посака лично да ме запознае. Има такви луѓе за кои, дури и по кратка средба, не е тешко веднаш да стекнете добар прв впечаток: префинет, белокос дипломат, одличен познавач на балканските прилики и интелигентен соговорник (а, верувајте, во животот сум се изнаслушал здодевни, арогантни и глупави дипломати), кој не пропушти шанса, со суптилна загадочност во намерата, да ми соопшти дека редовно ги чита моите колумни.
После неколку протерувања на руски дипломати од Скопје минатата година – двајца јавно, уште барем толку „самоспакувани“, без официјално да се испратат до граница, откако флагрантно во разузнавачки обиди беа фатени во кршење на Виенската дипломатска конвенција – рускиот амбасадор деновиве беше повикан во нашето МНР да му се врачи дипломатска нота по јавната закана дека „Големиот (руски) Брат“ ги следи поединечните македонски граѓани и нивните „русофобни“ реакции во врска со „специјалната руска операција“ (војната) во Украина. Сосема заслужен демарш, дури и без разлика во каква (и дали има?) комуникација е нашето МНР со Украинската амбасада за неприфатливиот обид од Македонија организирано да се испраќаат доброволци на украинскиот фронт.
А, веќе по првиот ден од рускиот напад врз Украина, телефонски го побарав амбасадорот Бездникин, да го поканам на разговор во „Утрински брифинг“ за да ја објасни руската позиција – тогаш збунетоста и во нашата земја беше голема, денеска веќе не е – во она што и тогаш беше јасно дека ќе се развие во застрашувачки трагичен вооружен конфликт. Разговарав со некој од службениците во Амбасадата, но повратен одговор од амбасадорот никогаш не добив.
Сега Неговата Екселенција мора да седи осамен во својата резиденција и во Руската амбасада во Скопје, бидејќи овде Еритреа, Белорусија, Сирија и Северна Кореја немаат свои амбасадори, за да му прават друштво. Ја споделува изолацијата на својот шеф Лавров кога 100 делегации од 40 земји неодамна, во Женева, демонстративно го напуштија Советот за човекови права на ООН, оставајќи го него својот видео-говор да го испорача пред празните столчиња во салата. Ретко забележана бламажа дури и во светот на понекогаш вообичаеното дипломатско лицемерие.
ВО „КОФАТА“ НА ПУТИН
Познато е – и оваа изрека, погрешно, му се припишува на Черчил – дека уметноста на дипломатијата е кога луѓето ќе ги испрати по ѓаволите, тие да посакаат да прашаат за упатство како да стигнат до таму. Деновиве Путин демонстрира дека ги знае точните дирекции за тоа како буквално да ја испрати Украина по ѓаволите. Руските дипломати низ светот, во земјите каде службуваат, се ставени во „невозможна мисија“, стоејќи во Путиновата „кофа“ со лаги и закани, да мораат самите да ја подигнат од земја.
Освен ако не сакаат да го послушаат советот на првиот руски министер за надворешни работи по распадот на Советскиот Сојуз, Андреј Козирев, кој деновиве во впечатливото интервју кај Кристијан Аманпур на Си-Ен-Ен им порача на руските дипломати дека сега е време за оставки, како акт на несогласување со „варварскиот чин“ на Путин со војната во Украина. Тешки одлуки, во тешки времиња.