Министерот за здравство Беким Сали на својот фејсбук профил објави дека се сретнал со амбасадорите на Шпанија и Франција во земјава, Хозе Луис Лозана Гарсија и Сирил Бомгартнер, jaвува МИА.
Сали посочува дека со амбасадорот Хозе Луис Лозана Гарсија разговарал за неколку важни теми за меѓусебната соработка во областа на здравството меѓу двете земји.
– Конкретно разговаравме за создавање работни групи за продлабочување на соработката меѓу двете држави на програмата за трансплантација. На состанокот предложивме меморандум за соработка како и твининг болници, со цел размена на искуство и знаење кои ќе бидат во служба на пациентите. Меѓу другото, го информирав амбасадорот за состојбата со пандемијата, како и за нашата заложба за изградба на новиот клинички центар, напиша Сали.
Тој истакнува дека на средбата со францускиот амбасадор Бомгартнер му се заблагодарил за досегашната соработка и изразил подготвеност таа да продолжи и во иднина.
– Тема на состанокот беше можноста за специјализации во Франција од областа на анестезиологијата, радиологијата, гинекологијата и педијатријата. Во оваа пригода го информирав амбасадорот за заложбата на Министерството за здравство во борбата против пандемијата со Ковид-19, како и активностите кои се преземаат за изградба на новиот клинички центар, објави Сали на својот фејсбук профил.