Во Домот на Армијата во Скопје, денеска, министерката Петровска, началникот на Генералштабот генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и амбасадорите на земјите учеснички на претстојната вежба „Swift Response 22” беа брифирани за финалните подготовки за успешна реализација на вежбата која оваа пролет ќе се одржи на полигонот Криволак, информираат од Министерството за одбрана.
Со учество на околу 4600 припадници на вооружените сили од осум земји членки на НАТО – Северна Македонија, Соединетите Американски Држави, Обединетото Кралство, Република Франција, Република Италија, Република Албанија, Република Грција, Црна Гора, следниот месец за прв пат на Криволак ќе бидат изведени воздухопловни операции кои ќе вклучат 45 воздухоплови, авиони и хеликоптери, и над 700 падобрански скокови, пишува во соопштението.
На брифингот беше истакната подготвеноста на Република Северна Македонија да биде земја домаќин на најголемата Воена вежба организирана на нашата територија досега.
Од министерството за одбрана известуваат дека планирачкиот процес за вежбата започнал минатата година, а нејзината цел е извежбување на интероперабилноста на сојузничките армии.