пишува: ЉУБИША НИКОЛОВСКИ
ЕУ администрацијата се чини е решена Северна Македонија и Албанија да ги протурка во Унијата, сега или никогаш.
Претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен допатува во Бугарија со торба пари во која има над 6 милијарди евра, се разбира не буквално. Имено, Европската комисија во четвртокот официјално го одобри планот за закрепнување на Бугарија во рамките на фондот за спас од 800 милијарди евра на земјите членки по пандемијата.
Таа е една од последните што доби зелено светло од Брисел, главно поради нејзините политички превирања, кои доведоа до три општи избори во 2021 година, што доведе до повеќекратно препишување на планот.
Планот вклучува 57 инвестиции и 47 реформи во 12 различни области кои треба да се спроведат до 2026 година. Бугарија ќе добие над 6,2 милијарди евра од европско финансирање.
Но, она што е интересно е што Фон дер Лајен соопштувајќи го планот (предавајќи ги парите), побара Бугарија да помогне за реализирање на одлуката на Европскиот совет од 2020 година за почеток на преговорите со Северна Македонија и со Албанија.
Ако тоа го преведеме на недипломатски речник значи: Еве ви пари колку што треба, ама тие ви се за да не ја кочите веќе Македонија со глупости и да го кренете ветото за почеток на преговори со ЕУ.
Фон дер Лајен изјави дека е важно земјите членки на ЕУ да го исполнат „своето ветување своите соседи“ и уште при тоа потсетувајќи ги на членот два од основачкиот договор со што под нос им ги стави правата на малцинствата, во кои секако припаѓа и на македонското малцинство во Бугарија.
„Прашањето за заштита на малцинствата е основна вредност на Европската Унија. Тоа е член 2 од нашиот основачки договор и ова е важна тема во целиот процес (проширувањето на ЕУ), па затоа е важно да го одржиме ветувањето кон нашите соседи. Времето е тешко и турбулентно и ќе ја одреди иднината на Европа. По војната се ќе биде поинаку. Затоа се потпирам на Бугарија за да може вешто да го води процесот, знам дека може„ рече Урсула фон дер Лајен на средба со премиерот Петков.
Овие пораки се секако до сите оние политички сили во Бугарија кои се опираат на европската иднина на Македонија меѓу кои последен се вклучи и Слави Трифонов, коалициски партнер во Владата на Кирил Петков. Но Слави треба да разбере дека ЕУ никогаш не дава нешто за џабе. За толку многу милијарди треба нешто за возврат да се направи. Нешто што на Бугарија како демократска земја и членка на Унијата не треба да и биде тешко, а тоа е да се разбуди од својот долг Санстефански сон и да го преиспита својот национален интерес. Токму она што младиот бугарски премиер неодмна и го предочи на бугарската јавност.
Инаку Урсула не е осамена во настојувањата за брзо интегрирање на Западен Балкан во Унијата.
Германскиот канцелар Олаф Шолц и неговиот австриски колега Карл Нехамер на брифингот со новинарите пред неколку дена ја истакнаа потребата од забрзување на преговорите за членство на земјите од Западен Балкан во услови на претстојните закани од Русија.
„Повикани сме да обезбедиме зајакнување и поддршка на регионот во нашето соседство како целина, а тоа вклучува јасна европска перспектива за земјите од Западен Балкан“, рече Шолц.
Пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија, исто така, треба да започнат што е можно поскоро. „Секое дополнително одложување го прави Западен Балкан ранлив и отворен за влијанието на трети страни“, рече тој.
Таквото влијание очигледно се очекува да дојде од Русија, но и од Кина, според Нехамер, поради што е од „геостратешки интерес“, брзо да ѝм се понуди на луѓето во овие земји плодна перспектива“.
Стратегијата што Австрија и Германија сакаат да ја следат е да се мобилизираат за пошироко одобрување на членството на земјите членки на Унијата.