Активистот и шеф на кабинетот на поранешниот градоначалник Петре Шилегов, Никола Наумоски, за ФРОНТЛАЈН, ја коментираше изјавата на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска за пронаоѓањето и повторното поставување на споменикот на Андон Ќосето пред Врховниот суд.
„Данела Арсовска го засили впечатокот за својата неспособност со изјавата дека потрошила два месеци за да го најде споменикот на Ќосето. Ако градоначалничка не може за два месеци да го најде она што дете може да го најде за две секунди на гугл, тогаш треба да ни ги врати парите што ги земала за плата, изјави Наумоски за Фронтлајн.
Наумоски вели дека дека градоначалничката Арсовска со оваа изјава целосно ја отфрли својата неутралност и дека Ќосето денес е икона на најрадикалните вмровски групации.
„Со оваа изјава Арсовска целосно ја отфрли својата неутралност и независност со кои ги лажеше скопјани пред изборите. Ќосето денес е икона на најрадикалните вмровски групации, неговиот лик беше користен за закани кон опозицијата при крајот на владеењето на Груевски, па дури и самиот тој еднаш му се закани на Заев дека Ќосето не би го толерирал многу-многу ако бил жив. Ќосето во никој случај не е позитивна фигура во македонската историја. Тој е симбол на братоубиствената, тоталитарна, насилна историја на македонската револуционерна организација од крајот на 19-ти и почетокот на 20. век, човек кој убивал по наредба на други без да поставува прашања и човек кој самиот се фалел дека убил над 100 луѓе“, вели Наумоски.
Тој нагласува дека ако Арсовска сака повторно да го постави споменикот на Ќосето, за тоа, во Советот на Град Скопје, ќе и бидат потребни гласовите на Левица, Алијанса и Алтернатива и Зелен Хуман Град.
„Дури и да сака да го прекрши законот за споменици како нејзиниот претходник Коце Трајановски, на Арсовска повторно ќе и се потребни гласовите на Левица, Алијанса и Алтернатива и Зелен Хуман Град во Советот на Град Скопје за да изгласа негово поставување. За албанските советници сум некако сигурен, но ќе биде интересно да се гледа какви пируети ќе треба да прават прогресивните млади советници од помалите партии за да ги оправдаат своите хонорари од управни одбори и директорски места. Дали левичарите и зелените ќе гласаат за грдото лице на ВМРО повторно да застане пред судска палата? Дали оној кој го викале „судот на ВМРО“, а кој воглавно убивал македонци по идеолошки основи, повторно ќе го вратат пред судот на правдата?“, прашува Наумоски.
Андон Лазов Јанев – Ќосето живеел 98 години и никогаш не се сметал за Македонец, дециден е Наумоски и додава дека Ќосето умрел девет години после АСНОМ, како Бугарин, во Бугарија.
„Ако толкава врева се крена за културен центар за Бугаринот Ванчо Михајлов во Битола, тогаш зошто се тивки Левица и ВМРО-ДПМНЕ за споменикот на Бугаринот Ќосе пред судот?“, потенцира Наумоски.
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, претходно изјави дека градската администрација што ја предводи со месеци го барала споменикот на Андон Јанев-Ќосето, кој во текот на 2018 година беше отстранет од пред Врховниот суд.
– Да не се грижат, пронајден е споменикот. Во добра состојба е, а за негово поставување ќе ги прашаме граѓаните, рече градоначалничката Арсовска.
Ј. Ѓорѓиоски