Oбраќањето на претседателот на Украина Зеленски ви го пренесуваме интегрално:
„Ви посакувам здравје, Украинци и Украинки!
Наши бранители и наши бранителки!
Конечно го имаме резултатот, првиот резултат од нашата операција за евакуација од „Азовстал“ во Мариупол, која ја организиравме многу долго време. Беа потребни многу труд, долги преговори и разни посредувања.
Денес во Запорижја пристигнаа 156 лица. Жени и деца. Тие беа во засолништа повеќе од два месеци. Само замислете! На пример, детето има шест месеци, од кои два ги помина под земја, со бегање од бомби и гранатирање. Конечно, овие луѓе се целосно безбедни. Ќе добијат помош.
И јас сум им благодарен на сите од кои зависеше спасот на овие луѓе. Кој се согласи и кој помогна. Благодарен сум им на сите што обезбедија физичко движење на луѓето низ хуманитарниот коридор.
Се разбира, ќе продолжиме да правиме се за да ги извлечеме сите наши луѓе од Мариупол и „Азовстал“. Тешко е. Но, ни требаат сите што остануваат таму: и цивили и војници. Немаше ден да не се занимаваме со ова прашање. Ден да не се трудат нашите луѓе да го решат ова прашање.
Да, успеавме да постигнеме прекин на огнот речиси три дена за да функционира хуманитарниот коридор.
Во моментов, руските војници не се придржуваат до договорите. Тие продолжуваат со масовните напади на „Азовстал“. Се обидуваат да упаднат во комплексот. Но, мене многу пати ми кажувале дека никој не може да се спаси. Дека тоа е невозможно. А денес 156 луѓе се во Запорижја. Ова уште не е победа, ама веќе е резултат. И верувам дека има шанса да ги спасиме и другите наши луѓе.
Очигледно, руската војска реагираше крајно нервозно на нашите денешни успеси. Различни украински градови повторно станаа мета на руските ракети и руските напади. Лвив, Виница, Кијивската област, Днипропетровската област, Одеса, Харкивската област – таквиот размер на денешното гранатирање јасно укажува не на тоа дека Русија има некоја посебна воена цел. Да нанесат удар врз Закарпатија? Што точно може да ѝ даде тоа на Русија? Тие се обидуваат да се ослободат од својата беспомошност. Затоа што не не се во состојба да ја покорат Украина.
Но, сè уште се во состојба да ги запалат детските атракции во паркот Горки во Харкив или да уништат било кој мост. Или складиште за жито или куќа со луѓе.
Колку повеќе има такви удари, толку Русија е подалеку од цивилизацијата. Од она што се нарекува цивилизираност.
Денес имаме уште една трагична вест. Страшна сообраќајна несреќа се случи во Ривненската област. Се судрија автобус, автомобил и камион со гориво. Заклучно со сега има 17 загинати лица. Но, може да има повеќе жртви.
Моето искрено сочувство до сите оние кои ги загубија своите најблиски. Наложив да им се пружи сета потребна помош на повредените.
Благодарен сум му на Премиерот на Обединетото Кралство и на големиот пријател на Украина, Борис Џонсон, за неговата поддршка на Украина и нашите бранители. Денес Борис се обрати до нашиот парламент и нашиот народ. Тоа беа многу важни зборови, топли, пријателски, силни. Ова е многу искрен гест. Благодарен сум ѝ на Британија за новиот пакет поддршка за нашата земја, кој денес го соопшти Премиерот.
Денес се обратив и пред Врховната Рада на Украина. За прв пат за време на војната од големи размери. Ја нагласив главната работа – и главната работа не само за мене, туку и за цела Украина. Сигурен сум дека мора да одржиме максимално единство. Затоа што нашиот успех зависи од единството. Не само на политичко ниво, туку и во одбрана на државата, силата на нашиот народ, нашето општество.
Ја продолжив многу корисната практика на обраќање до парламентите на нашите партнерски земји. Денес (се обрати. – Ед.) до Парламентот и народот на Албанија. Се заблагодарив за поддршката, вклучително и одбранбената. Ја истакнав срдечноста со која народот на Албанија го поддржува нашиот народ. Предвидени се и други вакви обраќања.
Исто така, разговарав со претставници на најголемите светски компании – во клубот CEO Wall Street Journal (ова е многу влијателен клуб. Три трилиони долари – е вкупниот обрт на компаниите чии раководители се во овој клуб). За тоа како да се изврши притисок врз Русија за прекинување на војната. За тоа како заедно да ја обновиме Украина по војната. За тоа каков може да биде повоениот модел на украинската економија. Сметам дека ваквата економска дипломатија е една од нашите најважни задачи.
Денес разговарав со полскиот Претседател Анджеј Дуда. На целиот полски народ му го честитав националниот празник – Денот на Уставот на Полска. Разговаравме за натамошна соработка, конкретни чекори и поддршка за нашата одбрана.
Информирав за актуелните состојби во областите на воените дејствија. За тоа што се случува во Мариупол. За евакуација на Украинците. И што друго можеме да направиме заедно за да помогнеме во заштитата на нашата држава и нашата заедничка слобода – Украинците и Полјаците, сите Европејци.
Традиционално, пред да го запишам ова обраќање, потпишав укази со кои ги наградив нашите херои. На 185 воени лица на Вооружените Сили на Украина им беа доделени државни награди, од кои двајца постхумно. Уште двајца наши бранители ја добија титулата Херој на Украина.
Вечна слава на сите наши херои!
Вечен спомен на секој, вечен спомен на секоја – на сите што ги дадоа своите животи за нашата држава!
Слава на Украина!“, истакна Зеленски.