РИБАРО
Мицкоски после заканите за целосна блокада на Собранието, презел и екстремни чекори. Ги избркал сите, се забарикадирал и ја блокирал и белата палата на вмровците, пренесуваат извори од седиштето на ВМРО-ДПМНЕ за АХА.
Случајни минувачи пред палатата јавуваат дека Мицксоски скандирал од еден од прозорците од палатата – Нема излегување сè додека Ковачевски не даде датум за предвремени парламентарни избори! Овој пат нема да попуштам!, викал Мицкоски.
Вмровци со кои разговараше АХА, останале вчудоневидени од ваквиот потег на нивниот лидер.
– Не знам што му е на човекот? Се самоказнува, а во последно време како да не е со сите? Нека го приберат, ќе си направи некоја беља, вели загрижен повозрасен член на ветераните од ДПМНЕ.
– Добар е Мицко таму, ич нека не излегува, додаде граѓанин кој сакаше да остане анонимен.
Изворите на АХА потврдуваат дека членови од раководството се обидувале да го разубедат растроениот Мицкоски. Едни му појаснувале дека идејата била да се блокира Парламентот, за да не може да се носат закон, а не да се забарикадира тој самиот. Други пак, се обиделе да го фатат со арно, да не пренаглува, но засега, како што посочуваат, сите обиди останале безуспешни.
– Шефе, фрижидерот ти е полн, да знаеш, а има и хулахоп и некое тегче во собата од секретарката, ако ти притреба наместо теретана, довикна еден вмровец во обид да му ја олесни маката на Мицкоски.
Од противпожарната служба за АХА, велат дека до сега не добиле повик за спасување на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, а од психијатриската болница во Бардовци известија дека ја следат ситуацијата и ќе интервенираат ако има потреба.
Рубриката АХА! е простор за хумор и сатира. Секоја сличност со реалноста е намерна и не е претерана.
FRONTLINE.MK