Кога во 2019 година на 34-годишна возраст положи заклетва како премиер на Финска, Сана Марин (36) стана најмладата премиерка во светот.
Таа никогаш не ги криеше своите политички амбиции, а тие на крајот ја донесоа во високата политика и на светската политичка сцена, каде што сега заедно со соседна Шведска ја донесоа историската одлука да се приклучат на НАТО по една деценија воена неутралност.
Дури и пред да започне руската инвазија на Украина, додека Русија собираше војска во близина на границата со Украина и ги негираше плановите за напад на својот сосед, премиерката Марин смело рече дека Финска има право да се приклучи на НАТО и дека за тоа треба да се размисли.
Руските медиуми тогаш рекоа дека тоа е „нож во грб“ за Москва, а не беше среќен ниту финскиот претседател Саули Ниинисто, кој нагласи дека „за среќа, не е направена никаква штета“.
Но, кога Русија навистина ја нападна Украина, сè се промени.
Таа криза го откри челичното лице на финската премиерка, која претходно, можеби неправедно, привлече најголемо внимание поради годините, атрактивниот изглед и прогресивната социјална политика за која се залагаше, пишува хрватски Јутарњи.
Пораснала во „семејство виножито“
Жената која води држава од приближно 5,5 милиони луѓе, пораснала во доста тешки услови. Нејзината мајка се развела од сопругот алкохоличар кога Сана била сè уште мало девојче. Следниот избор на партнер на мајката на Сана, била жена, па идната финска премиерка пораснала во истополово, т.н. „семејство виножито“, како што рече самата Сана Марин.
Семејството било во финансиски потешкотии и живееле од социјална помош, па Сана морала многу рано да почне да работи – помагала во пекара и разнесувала весници, пишува Дејли мејл.
Паси Кервинен, нејзината професорка во средното училиште во малиот град Пиркала, вели дека Сана била просечен ученик, иако понекогаш барала да ѝ се дадат повеќе домашни задачи.
Кога матурирала на 19-годишна возраст, нејзините оценки биле доволни, за како прва во семејството, да се запише на факултет во Тампере, а го избрала административното право
При крајот на студиите, Сана го запознала својот партнер Маркус Раиконен, професионален фудбалер со кој се забавувала 16 години пред да се венчаат во 2020 година, а сега имаат и ќерка.
View this post on Instagram
Патот до премиерската функција
Нејзиниот интерес за политика се разбудил за време на факултетот кога сфатила дека нејзината напорна работа може да им помогне и на други луѓе. Првенствено на сиромашните и жените.
Таа се приклучила на Социјалдемократската партија во 2006 година, а во 2010 година станува потпретседателка на партијата.
Сепак, нејзиниот прв обид во политиката бил неуспешен. На локалните избори за градскиот совет на Тампере, таа загуби, а тогаш имала само 22 години.
Но, веќе била успешна на следните избори и по неколку месеци Сана Марин била унапредена во претседателка на советот, на која функција беше до 2017 година.
За тоа време, таа беше избрана за втор потпретседател на Социјалдемократската партија (2014), а стана член на регионот Пирканмае во финскиот парламент во 2015 година.
Победувајќи на вторите избори за совет во 2017 година, таа го привлече вниманието на јавноста поради популарните видеа од седниците на советот со кои претседаваше, а кои беа објавени на Јутјуб, за што пишуваше и Њујорк Тајмс.
Таа победи и на вторите парламентарни избори во 2019 година, а потоа во јуни истата година ја презеде својата прва истакната функција како министер за транспорт и врски.
Оваа улога ја донесе Сана Марин на светската политичка сцена и ја претставуваше Финска на самитите на министрите за транспорт на ЕУ.
Токму за време на нејзиното прво патување во Брисел, во декември 2019 година, избувна криза што ќе ја турне на самиот врв на политиката.
Марин морала да го напушти самитот порано откако Анти Рине – лидерот на социјалдемократите, кој беше премиер само шест месеци пред Марин, ја повикал да му помогне да ја реши кризата предизвикана од штрајкот на поштарите.
Рин на крајот ја изгуби довербата на коалицискиот партнер и е принуден да се повлече, па Марин го зазема неговото место како лидер на новата коалиција од пет партии предводена целосно од жени, од кои само една имаше над 35 години во тоа време.
Кој е трикот на Сана Марин?
Нема трик. Многу работам и сум посветена. Во политиката сум околу десет години и ја стекнувам довербата од колегите политичари и на граѓаните. Нема трик, само си ја работам мојата работа, вели Сана за Гардијан, одговараќи на прашањето во што е нејзиниот трик до успехот.
Политичарката од генерацијата на Инстаграм, редовно објавува слики на кои дои и споделува рецепти за тестенини. Таа учествуваше во одлуката да се зголеми возраста за напуштање на училиштето на 18 години и во одлуката да се продолжи родителското отсуство.
Инспирирана од сопственото воспитување, преку нејзината програма за еднаквост, таа си поставила за цел приоритет да ѝ е благосостојбата на жените и оние со ниски примања.
Програмата досега вклучува мерки за поттикнување на родителите подеднакво да ја делат грижата за децата, да се борат против семејното насилство, да го намалат родовиот јаз во платите и да го подобрат образованието за децата од посиромашните семејства и имигрантите.
Начинот на кој Марин се справуваше со пандемијата доби пофалби од голем дел од јавноста, иако некои ја обвинуваат дека е премногу догматична и не сака да прави компромиси.
Во 2020 година, во средината на нејзината прва година на власт, таа најде време да се омажи за Маркус со кого ја има двегодишната ќерка Емана, на церемонија одржана во куќа на Балтичкото Море што ја користи како премиер.
View this post on Instagram
Набргу откако стана Премиерка на финската коалициска влада во 2020 година, таа предизвика сензација позирајќи за магазин во елегантна јакна – под која не носи ништо.
Некои мислеа дека сликата ќе го поткопа нејзиниот кредибилитет, но хаштагот #imwithsanna брзо се појави на интернет, а огромнен број на обожаватели го пофалија нејзиниот потег и изглед.
„Во секоја позиција на која некогаш сум била, почетната точка отсекогаш биле мојот пол и мојата возраст, односно тоа што сум млада жена“, изјави таа за Vogue. „Се надевам дека еден ден тоа нема да биде проблем. Јас не сум ништо подобар ниту полоша од некој средовечен маж“, истакна Марин.
View this post on Instagram
Премиерката што му пркоси на Путин и ја внесува Финска во НАТО
Марин сега се соочува со друга криза од сосема поинаква природа – агресивниот и воинствен руски претседател Владимир Путин, кој ја нападна Украина со кршење на меѓународните норми и безбедносните гаранции. Сана Марин повторно настапи многу храбро.
Со раскинувањето на повеќедеценискиот договор за неутралност со Русија, кој е во сила од Зимската војна – несреќниот обид на Москва да ја нападне Финска непосредно пред избувнувањето на Втората светска војна – Марин го зацрта патот кон НАТО за нејзината земја.
Зборувајќи заедно со шведската премиерка Магдалена Андерсон, таа рече дека е во интерес на нејзината земја да поднесе барање за приклучување кон алијансата „во рок од неколку дена“.
Приемот во Алијансата е речиси загарантиран откако шефот на НАТО Јенс Столтенберг рече дека и Финска и Шведска ќе бидат пречекани со „отворени раце“.
Овој потег претставува целосна ревизија на безбедносната архитектура на Европа и означува почеток на нова фаза во повоените односи.
За Финска, влогот тешко може да биде поголем. Русија, како што се очекуваше, реагираше гневно – се закани дека веднаш ќе го прекине снабдувањето со гас, што може да доведе до тешкотии во индустријата.
Како и секогаш, Сана Марин јасно ја образложи својата одлука.
„Финска мора без одлагање да поднесе барање за членство во НАТО“, рече таа во заедничката изјава со шведскиот премиер. „Се надеваме дека чекорите кои сè уште се потребни за да се донесе оваа одлука ќе бидат преземени брзо, во следните неколку дена, истакна тогаш финската премиерка Сана Марин.
Подготвил: Ј. Ѓорѓиоски