Погледнете, ве молам, како помина денешниот ден. Ракетен напад од страна на руската армија во Харкивската област. Во градот Лозова окупаторите уништија дом на културата, истакна украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето обраќање.
Обраќањето на Зеленски го пренесуваме интегрално:
„Украинци и Украинки!
Сите наши бранители, наши бранителки!
Но исто така и наши партнери во светот. Денес моето обраќање е пошироко од вообичаено. И ова обраќање е посветено на темата на која ќе работиме заедно во блиска иднина. Имено, компензација за сите загуби што Русија ѝ ги нанесе на Украина со својата агресија.
Погледнете, ве молам, како помина денешниот ден. Ракетен напад од страна на руската армија во Харкивската област. Во градот Лозова окупаторите уништија дом на културата.
Се разбира, Русија веќе направи се што е можно за да се осигура дека нема да остане место за култура на нејзината територија. Но, каква врска има тука нашата Харкивска област? Нека го поткопуваат во Русија она што останало од нивните домови на култура, ако така сакаат.
Окупаторите извршија напад и врз Одеската област, Полтавската област, Житомирската област. Продолжуваат со обидите за напад на Донбас. Тие ги направија пепел Рубижне, Волноваха, како Мариупол. Тие се обидуваат да го направат истото со Северодонецк и многу други градови.
Тие прават се за да го нарушат било кој нормален живот во Херсонската област, во оние делови на Запорижската област каде што влегоа.
Сето ова и многу повеќе што руската армија го направи од 24 февруари и од 2014 година бара правичен одговор.
Прво, тоа е ослободување. Ние мора да се бориме додека не ја исчистиме нашата земја од окупаторите и не ја гарантираме безбедноста на Украина.
Второ, тоа е изведување пред лицето на правдата на сите руски воени злосторници. И во украинските судови, и во меѓународниот трибунал, и седноставно на бојното поле додека војната трае.
Но, трето, ние работиме на тоа Русија да компензира на еден или друг начин за сè што уништи во Украина. Секоја изгорена куќа. Секое уништено училиште, руинирана болница. Секој разрушен дом на културата и објект на инфраструктурата. Секое уништено претпријатие. Секој запрен бизнис, секоја изгубена гривна – со луѓе, претпријатија, заедници и државата.
Руските пари како компензација мора да одат за секој човек, семејство, бизнис кој настрадал.
Се разбира, руската држава не ни признава дека е агресор. Но, нејзиното признавање не е потребно.
Им нудиме на нашите партнерски земји правно да признаат дека Русија мора да сноси финансиска одговорност за злосторствата што ги извршила. Ова е важно не само во контекст на оваа војна што ја започна Русија. Но, исто така, во контекст на какви било други агресивни дејства, без разлика дали станува збор за Русија или кој било друг потенцијален агресор. Злото мора да добие одговор и да се знае дека ќе биде казнето.
Затоа, им предлагаме на земјите-партнери да потпишат мултилатерален договор и да создадат механизам преку кој секој и секоја што настрадал од дејствијата на Русија ќе може да добие компензација за сите загуби.
Врз основа на таквиот договор, руските средства и имотот под јурисдикција на земјите партнери мора да бидат запленети или замрзнати, а потоа конфискувани и насочени во специјално создаден фонд од кој сите жртви на руската агресија можат да добијат соодветна компензација.
Тоа би било праведно. И Русија ќе ја почувствува вистинската тежина на секоја ракета, секоја бомба, секое убојно средство што го лансираше кон нас.
Им нудиме на нашите партнери да станат основачи на ваков фонд, како и членови на посебна меѓународна комисија која ќе разгледува тужби, односно обраќања како од физички, така и од правни лица.
Јасно е дека оваа задача нема да биде лесна. Но, всушност, веќе започна дебатата за потребата од таква компензација на сметка на руските средства.
Светот веќе зборува за тоа. Значи ние мора да го направиме тоа. И започнуваме таков посебен дијалог со нашите партнери. За да се натера агресорот да почувствува дека војната е способна да нанесе максимална штета не на некој друг, туку на оној што отишол со неа кај соседот.
Светот виде дека постоечките меѓународни организации и инструменти не можат да одговорат на сите предизвици. Затоа, потребно е не само да се искористат можностите што веќе постојат, туку и да се понудат нови. Тоа ќе биде ефективно.
Денес зборував за одговорноста на Русија за оваа војна и со претставниците на Ирска кои ја посетија Украина. Претседателите на двата дома на ирскиот парламент беа во главниот град. Имавме многу значајни разговори со нив.
И уште едно нешто. Денес дефинитивно сакам да му се заблагодарам на нашиот народ кој не престанува да се бори против окупацијата. А особено на оние кои сега се на територијата која е привремено под контрола на Русија, нејзината армија. Конкретно, спасувачите во Енергодар, кои денес протестираа, заслужуваат поддршка од сите нас. Ви благодарам.
Секој и секоја мора да покажат дека окупаторите немаат право ништо да одлучуваат на нашата земја. Ова е важна компонента на нашата победа.
Денес потпишав уште еден указ за доделување награди на нашите бранители. На 202 воени лица на Вооружените Сили на Украина им беа доделени државни награди.
Севкупно, за време на војната од големи размери, повеќе од 14.000 наши бранители и бранителки се наградени за храброст и ефикасност во одбраната на земјата и помагањето на нашиот народ.
Вечна слава на сите што застанаа во одбрана на државата!
Вечен спомен на секој и секоја кои ги дадоа своите животи за Украина!
Слава на Украина!
Веројатно последно нешто. Денес навршуваат три години откако станав Претседател на Украина. Ви благодариам за довербата. Горд сум што сум Претседател.“
 
			

 




 
 
