пишува: ЈАНЕ ЃОРЃИОСКИ
И повторно мантраат денес вмровците со соопштение од Белата палата, па велат: „Доколку освоиме двотретинско мнозинство ќе сториме сè што е можно да ги коригираме штетите од Заев“. Низ целото соопштение буквално се закануваат со ревизија на Преспанскиот договор.
Таман мислиш дека ќе се бар малку прагматични, или бар малку паметни, па ќе искористат ситуација кога Заев и владата со сиот политички ризик ти решава децениски проблеми со компромис – те смирува со сите соседи, те запишува во ОН без понижувачката референца ФИРОМ, со дефиниран македонски јазик и македонска националност, во таква една консталација ти да се закануваш со ревизија на Преспанскиот договор, навистина е несфатливо, па доаѓало тоа и од еден политички дилетант како што е Мицкоски.
И сето тоа во ситуација кога сите тие компромиси те поместуваат, ма те катапултираат како членка на НАТО, како фактор на стабилност на Балканот, и да не беше онаа политичка тирада на покажување мускули на Макрон кон другите членки, а пред се кон Меркел, ќе се легитимиравме и како држава со пристапни преговори со ЕУ. Ете, тоа се фактите кои Мицковци упорно нè убедуваат дека се на наша штета и покрај сета меѓународна поддршка која нашата земја ја добива токму и конкретно за Преспанскиот договор.
Мицковци само од за нив разбирливи причини се обидуваат Преспанскиот договор да го стават во контекст и на сите аномалии со кои се судрува општеството, а нели сите осетивме на свој грб колку тие придонесоа со нивното погубно децениско владеење, па мешаат Мицковци од загадување на воздухот, до не ефикасно судство, социјални проблеми. Велат дека се апокалиптични сценаријата дека со ревизија токму на Преспанскиот договор, државата ја враќаме назад во егзистенционална неизвеност, а мижат пред тоа дека сите наши добронамерни сојузници ни кажуваат (со членството во НАТО и ни докажува), дека само со тој компромис државата оди во фамилијата на прогресивниот свет, кон кој се нашите децениски стремежи. И знаете, убедени се дека ќе нè направат и нас сите при очи слепи. Која дијагноза, човече, да не ти се верува?!
Да ја имаш таа отскочна даска, да го имаш сето тоа на тацна ставено, како што сега го имаат вмровците, буквално пред нос да ти е донесено, а да се закануваш дека ако дојдеш на власт ќе го ревидираш тоа (читај ќе го однесеш во неповрат), ти или си политички тотално неписмен, или тотално бесрамно си ги потценуваш своите граѓани евентуални потенцијални гласачи, или пак баш ти е гајле за просперитетот на државата и граѓаните. Четврто нема!
Во друга некоја комотна ситуација ова нивно двотретинско очекување кое е од жанрот научна фантастика ќе го третирав од онаа смешна страна, но овде се работи за една многу сериозна потенцијална ситуација, што и тоа како заслужува сериозен пристап. Луѓе мои, изборите на 12 април се за помалку од 3 месеци, а Мицкоски мртов сериозен се заканува со ревизија на единствениот услов кој нè прибра под закрилата на НАТО и ЕУ интеграциите. Нели е тоа многу опасно?!
Многу често си го поставувам прашањето, како е можно да си до толку политички ќорав, како е можно сè уште да си ја поставуваш така извитоперено и да ја гледаш низ една тотална замаглена и промаршена политичка диоптрија и сè уште слепо да се држиш до тезата за поништување на Преспанскиот договор, кога толку очигледно е дека тоа неминовно значи политичко себеуништување и неминовно евентуално повлекува изолирање и уништување на просперитетот на државата и граѓаните.
Но, тоа е тоа драги мои, Мицковци и неговите вмровско-груевистички остатоци не знаат ништо поинаку и ништо повеќе од еден гол популизам и беден национализам на кој се провлекуваат еве веќе две и кусур децении.
Сите права се задржани. УСЛОВИ ЗА КОРИСТЕЊЕ.