пишува: ЗОРАН ИВАНОВ/ЦИВИЛ
За партиите, но во вој текст без СДСМ и без ВМРО-ДПМНЕ. Поконкретно за нив, друг пат. Овде само блиц поглед за партиите чиј традиционален изборен електоратот се граѓаните Албанци.
Дефинитивно, согласно анкетите, какви и да се тие, колку и да се непрецизни и со натпросечна доза на неточност, од изборите се плашат сите. Сите политички партии. Или барем скоро сите. Одгласот на електоратот засега е општата недоверба. Не толку незаинтересираност и апатија, колку поприличната доза акумулирана одбивноста било кому да се даде изборна поддршка.
Секако најкомотни се Алијансата, Беса и Алтернатива. Единствено тие на овие избори немаат што да загубат. Само тие. Ако овие три партиски субјекти кои исклучиво пледираат на албанскиот гласачки електорат, до завршувањето на изборите, успеат да се стегнат во една стабилна коалиција, тоа може да биде мошне непријатно за ДУИ.
Овој партиски трилинг, сѐ уште нема доволно сила да го дотолчи единствениот политички конкурент, но лесно би можел изборно да го совлада. Разединети на минатите избори, оваа коалиција во најава, ги преполови интегративците. И со гласови и со пратеници во собранието. Но ДУИ се покажува мошне жилава. Клиентелизмот што партијата од позиција на власт, од позиција на располагање со бројни државни ресурси децениски го создава, ќе биде корисна пресинг изборна алатка и на најавениве априлски парламентарни.
Што се однесува до другите крупни прашања, тука ДУИ веќе ја губи предноста, зашто сите партии што инклинираат кон овој гласачки електорат се декларираат за истите цели. И за НАТО и за ЕУ и за јазична еднаквост и за нови симболи и за поголеми претензии спрема буџетот и за консензуални високи државни функционери и за слични политички дребулии кои за сега, само за сега, наликуваат на дребулии.
Од друга страна, за ДУИ, сепак, има една објективна изборна неповолност. За време на нејзиното речиси дваесет годишно владеење, од бебиња до полнолетство израсна, стана полнолетна и избирачки потентна, една цела избирачка генерација. Ним 2001-ва, главниот изборен симбол на командантите, не им значи баш многу. На претстојните избори, ДУИ за прв пат ќе мора да се соочи со фактот дека наспроти себе, наспроти својата етно бирократска доктрина, има една цела гласачка генерација неоптоварена со национален романтизам. Таа, исто како и најголемиот број млади во земјава и насекаде во вистинскиот демократски свет, не е баш заблудена со партизација.
Ова е време во кое, како и сите млади во современа Европа, бараат простор за себе. За самодокажување на своите вредности и за нивно вистинско вредносно вреднување. Од предолгата институционална бирократизираност, ДУИ не е баш подготвен за таквото соочување. Особено не доколку најавената опозициска коалиција остане обединета.
Одговорите, времето за сите одговори е дванаесетти април.