ВМРО-ДПМНЕ треба да достави писмени забелешки на текстот за новиот закон за јавно обвинителство, пред да се сретнат работните групи од двете најголеми политички партии, што треба да се случи до крајот на неделава.
Ова било договорено денеска на средба на претставниците на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Маричиќ и Тимчо Муцунски, брифираат од владејачката партија.
– На средбата меѓу претставниците на двете партии се разговараше за следните чекори околу одблокирање на процесот за донесување на Законот за јавно обвинителство. ВМРО-ДПМНЕ се обврза да достави конкретни писмени забелешки на текстот на Законот во наредните денови пред да се закаже средба на работните групи која би требало да се случи до крајот на оваа недела – велат извори од партијата за Фронтлајн.мк.
Според нив, постапките на СЈО и продолжување со работа на обвинителите на конкретните случаи со кои се задолжени, остануваат најголем проблем за опозицијата.
– Ние сакаме правда и професионално обвинителство кое ќе ги продолжи постапките. СДСМ цврсто стои зад донесување на Законот и работиме со сите пратенички групи за негово донесување, додаваат од таму.
Со новиот предложен закон, се зголемува тимот на обвинители во организиран криминал и се планира ова обвинителство да ја преземе надлежноста од СЈО, а за ВМРО-ДПМНЕ, спорно е дека обвинителството на Вилма Русковска ќе ги преземе надлежностите врз поранешното СЈО, а специјалните обвинители и понатаму ќе постапуваат по предмети предадени од јавното обвинителство.
Спорен е и изборот на нови обвинители во Организиран криминал и корупција, преку оглас, во рок од месец и половина од донесувањето на законот.
Од СДСМ, како што потврди Зоран Заев, се подготвени за компромис, но само ако тие не ги „надминат црвените линии дозволени со европската регулатива. Тие законски решенија се дел од пакетот судски реформи, но и се дел на она што значи адаптирање на Северна Македонија со европската легислатива во областа правосудство“.
За него не е проблем ова да се разговара и на лидерска средба доколку е потребно.
Мицкоски пак, рече дека законот за Јавно обвинителство треба да произлезе од европски, реформски закон, по претходно усогласени ставови на работните групи, а дури потоа да се свикува лидерска средба.
За усвојување на законот за Јавно обвинителство потребна е поддршка од 80 пратеници. Иако не е услов за почнување преговори со ЕУ, сепак пораките секогаш беа дека мора да се работи на негово донесување.
Законот за ЈО уште од јули минатата година е влезен во собраниска процедура.