Борбата против дезинформациите е истовремено борба за заштита на фундаменталните слободи на говор, на мисла, на совест и на уверување. Наместо едноумие, треба да градиме демократски амбиент во кој преку различни мислења и погледи, не преку пропаганда, ќе доаѓаме до вистината, а вистината е базична претпоставка за да има доверба меѓу луѓето и доверба на граѓаните во институциите. Без тоа, нема прогрес, порача претседателот на државата Стево Пендаровски на конференцијата „Справување со дезинформации во Република Северна Македонија“, во организација на Фондацијата Метаморфозис.
Според претседателот Пендаровски, дезинформациите ги поткопуваат демократските вредности. Кампањите за дезинформирање, вели тој, ја поларизираат јавната дебата, негативно влијаат врз политичките процеси и ја нарушуваат довербата на граѓаните во институциите.
– Дезинформациите можат да придонесат за дестабилизирање на државата. Најдобра заштита од кампањата за дезинформации е постоењето општествена, системска, медиумска, но пред се лична отпорност кон дезинформациите. Неопходен ни е и заеднички пристап на национално ниво со консензус на клучните политички чинители за справување. Мора да градиме култура на критичко мислење. Треба да ги поддржиме иницијативите за медиумска писменост, не само на младите, бидејќи и возрасните се подложни на дезинформации, посочи Пендаровски.
Според шефот на државата, бројките од истражувањето на Метаморфозис запрепастуваат – над 60 проценти од македонските граѓани веруваат дека светските сили го создале Ковид-19 заради економска и политичка корист. Половина од граѓаните веруваат дека светските елити го создале вирусот за да го намалат бројот на луѓето на планетата. Над 45 проценти не веруваат во постоењето на вирусот.
– Поради овие дезинформации многу наши граѓани платија со своето здравје, а 9.300 и со своите животи, рече Пендаровски.
Покрај трите двигатели на дезинформациите на глобално ниво, според Пендаровски кај нас има два дополнителни, а тоа се закочените европски интеграции и тоа што поради закочените интеграции ние со години наместо со суштински европски реформи, се занимававме со самите себе.
– Народот е уморен од чекање, резултатите од истражувањето на Метаморфозис покажуваат дека најголем дел од македонските граѓани се согласуваат нашата земја да влезе во ЕУ, но не по цена на компромиси со соседите. Второ, поради закочените интеграции ние со години наместо со суштински европски реформи, се занимававме со самите себе. Тоа негативно се одразува на функционалноста на иснтитуциите и владеењето на правото во земјава што создава плодна почва за ширење дезинформации, заклучи Пендаровски.
На завршниот настан се обрати и премиерот Димитар Ковачевски преку видео-конференциска врска, кој најави дека сите препораки кои ќе произлезат од конференцијата, Владата ќе ги земе како суштински придонес во остварување на заедничката цел – да се изгради мултисекториски пристап за соодветен одговор на заканите и последиците што ги предизвикуваат дезинформациите.
– Дезинформациите имаат за цел да ги поткопаат и да ги стават под сомневање сите демократски вредности на кои е изградено нашето општество. Демократскиот свет е под постојан напад од пропагандни центри чија цел е да внесуваат страв и несигурност кај населението, да ги поткопуваат демократиите и на нечесен, манипулативен начин на штета на јавниот интерес и добробитот на граѓаните да шират влијание на трети страни, рече Ковачевски.
Владата, нагласи тој, застанува одлучно во спротивставувањето на дезинформациите и постојано воспоставување партнерство во оваа глобална битка, заедно со НАТО, Фејсбук и Гугл, со независните сервиси за проверка на факти, со домашните институции, со медиумските организации и со медиумите.
– Нашите темелни вредности во оваа битка се вистината и максималната транспарентност, како и систем за брзо разобличување на лагите со цел да се оневозможи натамошно ширење на дезинформации. Мора да бидеме свесни дека битката со дезинформациите нема да завшри брзо, нашиот пристап и одговор треба да бидат постојано унапредувани за да ги следиме сите иновации на регресивните сили. Владата останвуа партнер и активен учесник во оваа наша битка за справување со деизнформациите, нагласи Ковачевски.
Фани Каранфилова-Пановска, извршна директорка на Фондација Отворено Општество Македонија во своето обраќање истакна дека дезинформациите се сеприсутен дел од политиката во сите држави на Западниот Балкан и тоа без исклучок. Ширењето на дезинформациите, според нејзе, станува се поголем ризик по безбедноста на државите и институциите, а со тоа и по безбедноста на граѓаните и на нивната благосостојба.
– Мапирањето на дезинформациите и контрадезинформациите во регионот во последнвие три-четири години открива неколку клучни процеси и феномени кои беа предизвик, односно беа поттик за ширење на дезинформациите, и тоа надворешни предизвици поврзани со кредибилитетот на ЕУ, а тука пред се поврзано со процесот на проширување, надворешни предизвици поврзани со апсирациите и членството на државите од регионот во НАТО, како и генерално соработката и партнерството на државите од регионот со САД, потоа пандемијата предизвикана од Ковид-19, изборните циклуси и референдумите спроведени во последнице неколку години и сега најактуелно во последниве месеци ситуацијата со воената агресија на Русија врз Украина, посочи Каранфилова-Пановска.
Таа посочи дека сите актери имаат подеднакво важна улога во борбата за справување со штетните влијанија од дезинформациите, пред се институциите на системот, медиумите и новинарите, политичките партии, и граѓанското општество.
Бардил Јашари извршен директор на Фондацијата Метаморфозис нагласи дека дезинформациите иако постоеле од секогаш, сега тие заради достапноста до новите технологии и заради интернетот стануваат поопасни и влијаат директно да се назадуваат сите прогресивни демократски процеси во нашата земја и во регионот.
– Само ако донесуваме одлуки врз база на вистинити информации, може да придонесеме да го подобриме нашиот квалитет на живеење, да ја подобриме воопшто климата во нашата држава, да ја засилиме дмеократијата. Токму затоа, сметам дека е многу е важна соработката меѓу сите сектори во општеството, нагласи Јашари./МИА/