пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ
Рангирањето на С. Македонија на Индексот на демократија (Democracy Index) на The Economist за 2019 е подобрен. После долг, 10-годишен период на стагнација и слободен пад, по деградацијата која од „демократија со фалинки“ нѐ смести во земјите именувани како „хибридни режими“, последниве две години, конечно, имаме целосно вртење на деценискиот курс и, за првпат по долго време, напредок на овој угледен глобален индекс.
Нашиот скор за 2019 е речиси 6 (5.97), а 6-ката е граница меѓу категориите хибриден режим “hybrid regime” и демократија со фалинки „flawed democracy”. Најлошо бодување, откога се мери, сме имале во 2016 година (5.23). Тогаш преминавме од „демократија со маани“ во „хибриден режим“. Најдобар скор сме имале 2006 (6.33). Што ли се случи во тие 10 години? Па, се случи мвро-вмро!
А за тоа – што се мери со овој индекс, зошто се тие бројки значајни и што всушност значат, зошто сме сѐ уште „хибриден режим“, а велат дека напредуваме…? Прашања има многу, но за сите нив има одговори, бројки и факти. Па, да тргнеме по ред.
Ова угледно глобално рангирање се базира на 60 методолошки прашања во 5 области (изборни процеси и плурализам; граѓански слободи; функционирање на власта; политичка партиципација; политичка култура), оценувајќи секоја земја на скала од 1 до 10. Доколку збирниот индекс е од 1 до 4, земјата се квалификува како „авторитарен режим“, од 4 до 6 е „хибриден режим“, од 6 до 8 „демократија со фалинки“, а најдобрите се оценети од 8 до 10 и именувани како „целосни демократии“. Самиот индекс е значаен, затоа што влијае врз одлуки во светските политички и бизнис кругови, до кои нашиот поединечен глас тешко допира.
Нашата земја, како што рековме погоре, најдобро рангирана е во 2006-та, кога и првпат почнува да се мери овој индекс. Само 5 години по воен конфликт, со „шведски“ избори и мирен трансфер на власта, со добиен кандидатски статус за ЕУ година дена претходно, иако во категоријата земји „демократија со фалинки“, сите очекуваа Македонија брзо да напредува во консолидирањето на демократијата.
Но, технократот Груевски не испадна баш технократ. Прво што направи е да менува имиња на аеродроми, автопати, ја јавна приказната на Александар и Букефал, ги изгубивме симпатиите во очите на светот и ги потврди тезите на Грците дека ја искривуваме историјата. Од жртви станавме провокатори, го добивме ветото во Букурешт во 2008 и не влеговме во НАТО.
Оттука почна и нашиот повидлив пад, испрекинат со периоди на стоење во место, или благи подобрувања кои беа резултат на посредувани преговори или промени на подобро, но само на хартија. Наместо НАТО и ЕУ, добивме брзи избори, и осилен победник, јавнат на коњот на националното разочарување, национал-шовинистичката пропаганда. Тој влезе во акција на перманентна кампања и предвремени избори, градеше пропагандни кулиси, создаваше поделби и непријатели кон кои го вртеше народниот гнев и внимание, додека тој на мира го ограбуваше, му ги рушеше државата, институциите, демократијата. Кулминацијата на тој пад се случи во 2015 и 2016 година. Што се случуваше во тие две години, мислам дека знаете добро и излишно е да се објаснува.
Во оваа деценија – страдаа и изборите и плурализмот, страдаа граѓанските слободи, партијата се изедначуваше со државата, политичката партиципација беше оневозможена, нападната, „заменувана“ со контрапротести, контраорганизации, контрамедиуми… Политичката култура? А што остана од неа и дали воопшто можеме да зборуваме за политичка култура денес во Македонија? Тоа можете да го видите и во хронолошкиот приказ по години за Македонија на Индексот на демократија на Економист.
Така беше во минатото, а како е денес? Добрата вест е дека има напредок во овие 2 години, дури 0.7 индексни поени споредено со 2016 година, што за вакви индекси е прилично добар раст. Но, не доволен. А зошто напредуваме толку бавно?
Само погледнете ги методолошките области, ако гледате реално на состојбите, не треба да се биде паметен многу за да се донесат валидни заклучоци. Во изборите, а ги имавме 2 пати плус референдум во овие 2 и пол години, стоиме добро, и сме далеку од Пустец изборите на режимот на Груевски. Подобрување има и во граѓанските слободи, политичката партиципација, извршната власт е далеку од „безгрешноста“, арбитрарноста, нетранспарентноста и насилноста на режимот на Груевски…
Па каде е застојот? Сите го знаеме, а постојано се однесуваме кон него како кон маргинално прашање. Бавно напредуваме – поради недостаток на владеење на правото, поради судство заробено од тефтерот, поради метастазираните режимски структури кои се уште се тука во повеќе институции, поради кочењето и сопките на секој обид да се направат поголеми подобрувања на корумпираниот и клиентелизиран систем…
Земете го како парадигматичен пример за тоа односот што го имаат тие структури кон законот за јавно обвинителство, или претходно кон обидот за државен удар и убиства во Собранието на 27 април, или пак кон сите гнасотии и криминали за кои слушнавме со наши уши од устите на оние што раководат со најобогатата партија во Европа, а чии главешини ни ги ограбија парите во минатото. Но, не само што не сакаат да одговараат, туку сакаат уште, сакаат пак да се вратат на власт. Сакаат да ја ограбат и нашата иднина.
И во таа борба за гола власт, за амнестија и за неодговорност, повторно оперираат со истите инструменти. Насилство, жестока пропаганда, кршење на човекови права, понатамошно деградирање и злоупотреба на институциите…
Со таков „терен“ и „играчи“ на него, порастот од цели 0.7 индексни поени звучи дури и колосално. За да се задржи правилниот курс и да имаме, освен повторување на „шведски“ избори, ќе ни требаат значајни, вистински и суштински подобрувања во повеќе од прашањата во оние 5 категории. Без оглед на нашето секојдневие, припадност, политика. Не поради индексот или Економист, туку пред сè поради нас и нашата иднина.